За ревизорите трошењето државни пари за кампањи не било спорно, при што тие сами во извештајот нагласиле дека „ефектите од спроведените кампањи се очекуваат во наредниот период“. Нивна генерална оценка е дека Владата законски и наменски ги трошела државните пари.
Контролата, меѓутоа, покажала дека Владата исплатила за плати и за надоместоци околу 130.000 евра повеќе отколку што можела според предвидената буџетска ставка. Парите се дадени за вкупно 500 нови вработувања според начелото за правична застапеност на припадниците на етничките заедници. При ова, плата добивале и тие што воопшто не доаѓале на работа.
– Направена е погрешна процена при утврдувањето на потребата од нови вработувања. Не се уверивме дека предложените нови вработувања се сообразени со реалните потреби на органите. Поради ограничените просторни услови дел од нововработените државни службеници не можат ниту физички да присуствуваат на работното место, пишува во ревизорски извештај објавен вчера.
За ревизорите била спорна и исплатата на околу 21.000 евра со кои се платени повеќе домашни експерти ангажирани од страна на претседателот на Владата.
– За таква можноста постои владина одлука, но поцелисходно е вклучување на експертите од ресорните министерства, предупредуваат ревизорите.
Утврдено е и тоа дека пред две години биле потрошени околу 50.000 евра за одржувањето на недвижниот имот во странство на тогашните владини функционери. Ревизорите откриле дека 23 државни службеници извршуваат работни задачи различни од оние што треба да ги извршуваат според решенијата за распределување. Во Генералниот секретаријат на Владата, повеќе од 40 отсто од лицата што таму работеле се ангажирани преку Агенцијата за привремени вработувања.
– Кај тие лица не постои јасна распределба на должностите. Се вложуваат големи пари во нивна обука, но тие по истекот на договорот немаат обврска да ги применат стекнатите знаења во работењето на Владата – укажуваат ревизорите.
Извор : Дневник