Ако некоја партија посака дваесетминутните емисии да и' се објавуваат на две или три телевизии, само за оваљ ставка ќе бидат потрошени од два до четири милиони евра. На ова треба да се додадат трошоци за десетици куси рекламни спота чие дваесетдневно телевизиско емитување, во просек, ќе чини околу 8.000 евра, емитување реклами на локални радио и телевизиски станици, кампања по печатените медиуми, организирање митинзи, изработка на рекламни материјали…
Во својата информација до Советот телевизијата „Сител“ посочила дека кај нив во перидот од 17 до 24 часот, цената на една минута политичка презентација ќе чини 4.000 евра, а секунда промотивен спот – 200 евра. На „А1-телевизија“ за една минута комерцијална презентација треба да се плати 2.500 евра, а на „Алсат-М“ околу 3.300 евра за кои може да се добие и попуст. Најевтина е тарифата на телевизија „Телма“ со 100 евра по минута, а „Канал 5“ се' уште не го доставила ценовникот.Иако има помалку од еден месец од почетокот на кампањата во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ не сакаат официјално да кажат колку пари ќе потрошат за рекламирање.
– Трошоците за кампањата ќе бидат во рамките на дозволеното. Иако уште не е прецизно дефинирана стратегијата, јасно е дека и оваа кампања ќе ги има речиси сите елементи што сме ги применувале и на претходните избори. Покрај спотови на електронските медиуми, големо внимание ќе им посветиме и на средбите со граѓаните – вели Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕВо СДСМ кусо изјавија дека се' уште ја прават стретагијата за своето огласување во медиумите.
– Нашата кампања ќе биде поскромна од таа на ВМРО-ДПМНЕ, во рамките на она што го дозволува Изборниот законик. Ќе форсираме средби со граѓаните и трибини на кои ќе ги изложуваме нашите ставови – вели портпаролот Емилијан Станковиќ
Државната антикорупциска комисија и на минатите избори утврди дека партиите незаконски го надминале дозволениот лимит за изборната кампања најмногу со манипулациите со попустите при плаќањето на кампањата преку телевизиите. Експертите предупредуваат дека во се' потешката економска ситуација не е потребно толкаво расфрлање на парите за кампањи.
– Живееме во економска криза, која погаѓа многу земји. Многу подобро е некоја партија парите што ги планира за кампања да ги даде за хуманитарна цел. Таквата постапка ќе предизвика многу повеќе симпатии кај гласачите отколку силната медиумска кампања. Јасно е зошто партиите сакаат силни кампањи преку телевизиите, како силен медиум што влијае кај широк круг луѓе, особено ако прилозите од митинзите се емитуваат во ударните термини – смета Ѓорѓи Кимов, директор на истражувачката агенција „Брима-Галуп“.
Извор: Дневник