Општиот заклучок е дека речиси сите 57 држави што беа предмет на истражување имаат проблеми со регулирањето на парите што се вртат во политиката, односно финансирањето на политичките партии и на кандидатите.
Подобри од соседите
– Извештајот на „Глобал интегрити“ покажува дека Македонија има цврсти до просечни рејтинзи во повеќе категории, со солидна законска рамка што се однесува на борбата со корупцијата. Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, како и народниот правобранител имаат цврсти до просечни резултати. Сепак, има и исклучоци. Професионализмот на граѓанскиот сектор и примената на законите е многу слаба, а регулативите за конфликт на интереси воопшто не функционираат. Други сфери на слабости се однесуваат на македонските приватизации и на финансирањето политичките кампањи – вели Натаниел Хелер, менаџер-директор на „Глобал интегрити“.
Македонија годинава првпат беше предмет на истражување од страна на водечката американска невладина организација. Нашата земја, според резултатите котира високо и над соседните држави. Таа се најде во истата група со Канада, Франција, Индија, Италија, Венецуела. На врвот, според квалитетот во работата на владините институции и борбата против корупцијата се најдоа Австралија, Бугарија, Германија, Израел, Јапонија, Латвија, Полска, Португалија, Романија, Шпанија и САД. Босна и Хрцеговина и Србија во извештајот се оценети како „слаби“, додека Црна Гора е на речиси на дното заедно со Судан, Либерија, Ирак, Јемен…
Што имате, а што ви недостига?
Дали медиумите во вашата земја можат да пријават корупција? Дали граѓаните од вашата држава имаат пристап до информации во законскиот рок и за достапна цена? Дали Државната изборна комисија е ефикасна во својата работа? Дали во вашата држава постојат регулативи за финансирање независни кандидати? Дали граѓаните имаат пристап до финансиските извештаи на политичките партии? Дали официјалните владини функции се држат одвоено од функциите во владејачката политичка партија? Дали граѓаните имаат пристап до имотната состојба на функцинерите? Дали државните службеници редовно примаат плата? Дали службениците се заштитени, во случај да пријават корупција? Имате ли бесплатна телефонска линија за пријавување корупција?
Ова е само дел од стотината прашања, поделени во шест категории, на кои во последниве месеци одговараа новинарите и истражувачите од матичните држави, повикувајќи се на закони и примери од практиката. Кога поединечно ќе се разгледаат извештаите на сите држави, кои се распостелени на околу 150 страници, најдобро може да се направи споредба – која држава какви регулативи има, како тие се спроведуваат во практика, дали се граѓаните се заштитени и како функционираат државните и владините институции.
Според извештајот, најслаби сфери во Македонија се политичкото финансирање, одговорноста на законодавната власт, цивилниот сектор, приватизациите и работата на државните компании.
Македонците незадоволни и од животот и од стандардот
Граѓаните во Македонија генерално се депримирани во врска со животот, а во исто време и уплашени од можноста за оружен конфликт, покажува последното регионално истражување на Европскиот фонд за Балкан и Галуп Европа, презентирано вчера и проследено со панел-дискусија, чија тема произлегла од заклучоците на истражувањето: „Македонија: помеѓу надеж и реалност“, соопштуваат од Балкан Монитор.
Заклучоците се фокусирани на клучните теми релевантни за Македонија: задоволство од животот и животниот стандард; доверба во политичките партии, судовите, НВО и медиумите; борбата против корупцијата и организираниот криминал; очекувањата од владата и ставовите во врска со ЕУ.
Многу македонски испитаници не се задоволни ни од својот живот (46 отсто, највисок процент во регионот), ниту од својот животен стандард. Сепак една третина сметаат оти економијата се подобрува. Испитаниците го осудуваат корумпираното однесување и се релативно задоволни од напорите на Владата во борбата против организираниот криминал (49 отсто се задоволни). Тројца од десет Македонци сметаат дека постои веројатност за нов оружен конфликт во регионот (29 отсто). Додека 70 отсто Албанци во Македонија веруваат дека Охридскиот договор обезбеди долготрајно решение за етничките проблеми на Македонија, само 30 отсто Македонци се согласуваат со тоа. Според 69 отсто македонски Албанци, Македонија треба да пристапи во НАТО и во ЕУ дури и ако тоа значи губење или промена на официјалното име на земјата – нешто што го поддржуваат само 3 отсто Македонци. Мнозинството во двете заедници се согласува дека членството на земјата во ЕУ е добра работа (84 отсто од Албанците, 57 отсто од Македонците).
Во Македонија барем има државна изборна комисија
Политичките кампањи и организацијата на изборите во целост се разликуваат од држава во држава, почнувајќи од тоа кој сè може да основа политичка партија до начинот на мониторирањето на изборите.
Во Бугарија, членовите на изборната комисија ги предлагаат политичките партии и таа се состои од адвокати и правни експерти. Комисијата има постојан состав, но нема право да ги санкционира оние што го нарушиле изборниот процес. Така е во Бугарија, која котира високо во оваа сфера. Во Сомалија, на пример, која е оценета како многу слаба држава во поглед на справувањето на корупцијата, воопшто не постои државна изборна комисија која ги надгледува изборите.
„Немало слободни избори во последниве две декади. Државата сè уште функционира во анархија. Така, и во последниве 20 години не работат ниту агенциите за мониторирање избори“, пишува во извештајот за Сомалија.
Но најголемиот број држави опфатени со извештајот се жалат на нетранспарентноста во финансирањето политички кампањи.
„Изборните комисии даваат само информации за изборните резултати, но не и за начинот на финансирање на изборите. Овие комисии немаат пристап до досиејата на партиите, како што се на пример листите на донации и на донатори“, пишуваат истражувачите од Црна Гора.
Македонските истражувачи најголеми критики дале околу „црните донатори“ што ги финансираат политичките партии.
„Постојат законски дупки, низ кои поединците можат индиректно финансиски да поддржат политичка партија и покрај формалните законски граници. Овој вид незаконско финансирање е тешко да се контролира бидејќи трансакциите не одат преку банките“, пишува во извештајот за Македонија.
Но македонскиот пример не е најалармантен. Така, истражувачите од Азербејџан пишуваат дека сите поединци што ќе се обидат да финансираат опозициска партија, наидуваат на тортура од страна на Владата.
„Големите корпорации, пак, воопшто не се во можност да финансираат политички кампањи поради притисокот од Владата“, пишува во извештајот на Азербејџан.
Бугарите имаат комплетен увид во приватизациите
Процесот на приватизација на компаниите е оценет како еден од најслабите од сите сфери во нашето општество. Ако се споредат резултатите на „Глобал интегрити“ меѓу Македонија и Бугарија и Полска (кои се оценети како силни држави на ова поле), се наидува на вчудовидувачки податоци. Така, кај нас, Владата не е обврзана јавно да ги обелоденува резултатите од процесите на приватизација, а граѓаните не се доволно запознаени со начинот на приватизација на одредени компании. Во Бугарија и во Полска, Владата е законски обврзана јавно да ги обелоденува сите информации поврзани со приватизациите на државните компании. За разумна цена и за краток период, граѓаните можат да ги добијат сите информации за приватизациите на државните фирми, кои се објавуваат и на веб-страницата на Агенцијата за приватизација.
Во Црна Гора, пак, ситуацијата е уште поалармантна од Македонија. Во оваа држава на јавноста не и се достапни никакви информации поврзани со приватизацијата на одредени државни компании, и покрај тоа што Врховниот суд на Црна Гора веќе донел неколку одлуки со кои на граѓаните им е дозволено да имаат увид во тие податоци. Граѓаните на Црна Гора немаат пристап до веб-страница на која би можеле да го следат процесот на приватизација на компаниите.
Институциите надлежни за борба против корупција најподложни на корупција
Истражувачите од голем број држави што работеле на извештајот за „Глобал интегрити“ се жалат на политичките влијанија врз институциите што треба да се борат против корупцијата. Во Македонија, во негативна конотација е спомената работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, кога станува збор за политичките влијанија. Како пример е посочено тоа што во последнава година комисијата отворала само случаи што се поврзани со работата на градоначалниците од опозициските партии. Во Црна Гора, негативно е нотирана работата на Државниот завод за ревизија, каде што на чело застанал поранешниот пратеник и вработен во Министерството за финансии. Со цел Мирослав Ивањев да застане на оваа функција, Собранието морало да го смени Законот за државна ревизија, бидејќи тој не ги исполнувал поранешните законски услови.
Во Бугарија, Државната комисија за спречување на корупцијата била формирана пред една година, но веднаш се јавиле проблеми во нејзиното функционирање. Како што пишува во извештајот, членови на комисијата ги прислушувале телефонските разговори на неколку пратеници. Неколку месеци претходно, пак, агенцијата затворила интернет-портал поради наводно објавување класифицирани информации. Новинарот што бил сопственик на порталот бил нападнат и повреден од непознати лица. Во некои држави, пак, (како на пример Сомалија) воопшто не постои комисија што е надлежна за борба против корупцијата.
За нашата земја, најголемата забелешка е ставена во поглед на тешкиот пристап на граѓаните до Државната комисија за спречување корупција, поради големиот број обврски што ги има претседателката Мирјана Димовска. Во извештајот е пофалена работата на Државниот завод за ревизија, Управата за јавни приходи и народниот правобранител.
Борба против корупцијата во 2008 година:
Силни држави:
– Бугарија
– Јапонија
– Полска
– Романија
Просечни држави:
– Канада
– Чиле
– Колумбија
– Унгарија
– Индија
– Италија
– Македонија
– Пакистан
– Јужна Африка
– Уганда
– Венецуела
Слаби држави:
– Аргентина
– Азербејџан
– Бангладеш
– Босна и Херцеговина
– Индонезија
– Непал
– Русија
– Србија
– Турција
– Зимбабве
Многу слаби држави:
– Ангола
– Камбоџа
– Камерун
– Кина
– Јордан
– Црна Гора
– Јемен
– Никарагва
Извор: Нова Македонија