26.02,.2009 Вработените од ВМРО-ДПМНЕ во министерствата, агенциите, културните и други институции што се во надлежност на Владата мораат на претпоставените да им однесат списоци со по 20 лица што на изборите би гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Ваква наредба дал врвот на партијата и таа веќе се спроведува, велат високи партиски извори.
На списоците се пишуваат име, презиме и мобилен телефонски број. Потоа од партијата им се јавуваат на запишаните и ги прашуваат дали ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Според партиски извори, целта е да не се случи за овие избори партијата да освои помалку гласови од минатите избори, за што постоело одредено стравување во изборниот штаб.
Ова го потврдуваат и вработените што добиле задолженија да им однесат списоци на вработените, но и граѓани што веќе добиле телефонски повици.
– Ми се јави директорот рано наутро, ми рече дента кога ќе отидам на работа да го однесам списокот со 20 имиња. Немаше закани дека ќе останам без работа, но од колегите разбрав дека имало и такви кои ги уценувале дека од тоа им зависи работното место – вели вработена во една од институциите.
Под поголем притисок се сите што се поставени на функции и лицата што уште чекаат решенија за работа. Тие молат по роднините да им дозволат да ги запишат на списоците, па макар и да гласаат за друга партија.
– Ми се јавија неделава. Ми поставија само едно прашање, дали ќе гласам за ВМРО-ДПМНЕ. Им одговорив дека ќе гласам за да му помогнам на братучедот, кој ме замоли да ги даде моите податоци затоа што е загрижен за работното место – вели граѓанин од Скопје.
Врвот на партијата барал вакви списоци да достават и сите општински комитети низ државава. Општинската организација на СДСМ во Битола веќе обвини дека за само еден месец во Битола имало околу 300 партиски вработувања. Според Менде Диневски, претседател на ОО на СДСМ во Битола, 27 од вработувањата биле во Центарот за социјални работи, 19 лица во ЕЛЕМ, 24 лица во РЕК „Битола“, а двајца во хотелот „Молика“. Диневски обвини дека на околу 1.200 работници им бил раскинат договорот и дека на нивно место се примаат партиски војници кои исто така имаат обврска да донесат по 20 лица што би гласале за партијата.
Во ВМРО-ДПМНЕ официјално негираат дека ги тераат вработените во администрацијата да прават списоци со потенцијални гласачи. Сепак, партиски извори велат дека истата шема се применуваше и на минатите избори, ико списокот не е никаква гаранција дека запишаните ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Сличен проект за будење на гласачите имаше и СДСМ. Со проектот наречен „десет“ секој член на СДСМ беше задолжен да комуницира со десет неопределени гласачи, да им ја објаснува партиската програма, да ги претставува кандидатите и да ги кани граѓаните на трибини. Целта беше кревање на рејтингот на СДСМ и враќање на довербата во оваа партија.
Извор : Нова македонија