„Особено се загрижувачки обвинувањата за закани по работното место на вработени во владини институции, за укинување на пензии или на станарини на лица што искажале поддршка за опозициски кандидати за кои ги дале своите потписи“, се посочува во извештајот кој го опфаќа периодот од 13 до 25 февруари годинава.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во извештајот истакнува извесни подобрувања во споредба со претходните избори, односно дека се спроведени некои од нивните препораки. Се заклучува на пример дека Државната изборна комисија и покрај тоа што не е доволно екипирана ниту со луѓе ниту просторно, подготовките за изборите ги остварува според роковите.
Во извештајот се забележува дека и покрај тоа што за ланските избори биле поднесени повеќе од 200 пријави, донесени се пресуди за само 18 лица. ОБСЕ посочува и извори што сметаат дека не е ажуриран Избирачкиот список при што се истакнува дека тој не е соодветен на бројот на жителите во земјата. На пример, Македонија има малку повеќе од два милиона жители, а на Избирачкиот список се наоѓаат 1,79 милион гласачи, при што се истакнува дека големиот број граѓани што живеат во странство се наоѓаат на списокот, со што се зголемува можноста од изборна манипулација.
Извор: Дневник