Двата предлога добија по шест гласови во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност – нулта корупција“, во која учествуваа 16 главни уредници на печатени и електронски медиуми во Македонија.
Грубата владина критика врз „непатриотското“ медиумско известување негативно влијаеше врз слободата на печатот, смета американскиот Стејт департмент во годишниот извештај за човековите права во Македонија.
Имаше поплаки и тврдења за владин притисок, дури и закани врз медиуми што при известувањето не ја фаворизирале Владата.
Владините критики кон македонските дописници во Брисел дека „шпекулирале на штета на сопствената земја“ и пораката дека медиумите треба да работат во интерес на државата, покрена силна критика од Здружението на новинари на Македонија и виенската Организација на медиуми на Југоисточна Европа, кои обвинија за мешање во независноста на медиумите, се наведува во годишниот извештаи на Стејт департмент.
Повторното распишување на тендерот за изградбата на ХЕ Големи Чебрен и Галиште наиде на критики бидејќи беше донесен нетранспарентно и без консултација со стручната и научната јавност.
Изработката на тендерот не е извршена врз база на валидна техничка документација, а прифаќање на тендерот и концесијата при дадените услови е штетна за водостопанскиот и хидроенергетскиот систем на Македонија, сметаат дел од експертите.
Многу неодговорени прашања и дилеми останаа отворени околу тоа што се добива а што се губи со изградбата на ХЕ Големи Чебрен и Галиште.
На трето место со четири гласа се најде брзото донесување на одредени закони, кои често се препишуваат, а дел од нив кои се најдоа и пред Уставниот суд.
„Многу често се пишуваат, препишуваат или преведуваат закони, особено во одделни сфери, кои дури и самите пишувачи доволно не ги разбираат. Потоа, одат на Влада каде што, имајќи предвид дека тие текстови се подготвени од експертски луѓе, поминуваат, а истото се случува и кога ќе дојдат во Собранието“, рече претседателот на Уставниот суд Трендафил Ивановски.
Во анкетата за февруари не беше направен избор на бистри настани.
Во анкетата „Бистро – Матно“ за јануари учествуваа телевизиите, А1, Алсат, Алфа, Канал 5, Телма, Наша ТВ, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Време, Дневник, Утрински весник, Нова Македонија, неделниците Глобус, Капитал и Фокус.