10.03.2009 Наспроти последните еуфорични најави на Владата за важноста на инвестициите во енергетиката, за што до 2016 година се планираат инвестиции од околу 4 милијарди евра, повторно дојде до пролонгирање на рокот за доставување на понудите за ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“. Во своето соопштение Министерството за економија информира дека повторно се направени измени и дополнувања на рокот за доставување на пријавите и наместо до 19 март 2009 година, тој се продолжува до 15 април годинава.
Нема подетални информации за причините за одложувањето на рокот. Можно е тоа да е последица на реакциите, односно на забелешките на околу 20 енергетски компании што тие неодамна ги искажаа на заедничката средба, поточно презентација во Министерството за економија. Таа беше организирана со цел да се слушнат сугестиите, забелешките и размислувањата на инвеститорите за тендерските услови за тој да биде успешен и да побуди интерес кај компаниите.
Инаку, нивните забелешки главно се однесувале на условите за концесија, финансиското учеството на државата, типот на браната, флексибилноста и квалитетот на договорот и слично. Се барале некои флексибилни измени во тендерот и промена на висината на браната, која е проектирана на 192,50 метри. Инвеститорите рекле дека доколку не се промени висината на браната, можно е да падне интересот кај нив.
Се' уште е неизвесно дали Владата ќе направи какви било измени во содржината на тендерот, но можеби поместувањето на рокот за пријави значи дека е подготвена на такво нешто, но дека и' е потребно уште време за тој чекор.
Сепак, сите забелешки на потенцијалните инвеститори, како што неодамна најавија во Министерството за економија, Владата ќе ги разгледува и ќе одлучи дали ќе ги прифати или не, а таа постапка би требало да заврши до крајот на март.
И покрај големиот број заинтересирани компании, неофицијално, само четири важат за сериозни инвеститори. Тоа се истите оние од претходниот тендер, кој Владата го поништи на крајот на минатата година: „Вербунд“ од Австрија, РВЕ од Германија, „Енел“ од Италија и „Старткрафт“ од Норвешка.
Владата лани во декември го поништи тендерот за ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“, наводно, поради некои пропусти во постапката, и потоа распиша нов. Претходниот тендер, пак, првично требаше да заврши на крајот на март минатата година, но неколку пати во текот на 2008 беше пролонгиран, а на крајот на годината се поништи.
ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“ треба да се градат на Црна Река, каде што веќе е лоцирана ХЕЦ „Тиквеш“. Нивното производство на струја треба да изнесува колку сегашното вкупно производство на енергија од македонскиот хидросистем. Германската РВЕ лани неофицијално важеше за фаворит. Претставници на таа компанија потенцираа дека се подготвени да вложат над 500 милиони евра, што би било досега највисоката понудена инвестиција во енергетиката.
Извор: Утрински весник