Ова денеска во Скопје го изјави шефот на ОДИХР/ОБСЕ Питер Ајхер, на јавната трибина “Изборите како критериум за влез на Македонија во Европската унија“, што ја организираше Транспарентност-Нулта корупција.
“Македонија покажа дека има доволно капацитет и политичка волја да организира демократски и фер избори“, рече Ајхер, “кога власта и политичките партии имаат волја и решеност“ да го сторат тоа.
Сепак, според претставникот на меѓународните набљудувачи, за вториот круг на избори, на 5 април, остануваат одредени предизвици.
“Демократски избори треба да се одвиваат без притисоци, со тајно гласање и еднакво учество на мажите и жените“, рече Ајхер, посочувајќи ги како сериозни проблемите на политизација на јавната администрација, притисок или заплашување особено врз државните службеници, и семејно гласање.
“Во околу 20 проценти од избирачките места што ги посетија набљудувачите имаше семејно гласање, низ целата држава, но особено во западниот дел“, посочи Ајхер, и смета дека ова е “највисок процент на семејно гласање“ на избори што досега ги следел.
“Тоа е во спротивност не само со демократските избори, туку е и противзаконско“, посочи шефот на ОДИХР/ОБСЕ.
Граѓанската асоцијација МОСТ, која имаше најголем број на набљудувачи во изборниот ден, вели дека “не е доволно само ако некој не испука куршум“ за демократски избори.
“Имаше случаи на семејно гласање, нарушена тајност на гласањето, и непроверка на палецот со УВ-лампа“, изјави Дарко Алексов од МОСТ.
Според него, ова е период кога треба да се работи на надминување на овие предизвици, бидејќи следи “комплексна процедура“ за вториот круг.
Претседателот на Советот за радиодифузија Зоран Стефановски оцени дека “Македонија го положи тестот и создаде демократска атмосфера за кампања“.
“Медиумската кампања беше неагресивна и во фер атмосфера, со голема избалансираност и професионалност“, рече тој, посочувајќи дека кривичните пријави што ги поднесе Советот се однесуваат повеќе за “технички отколку намерни грешки“.
Ј
авната трибина имаше за цел да ги утврди индикаторите врз кои би се утврдувале критериумите за влез во Европската унија, како и што може да се подобри во врска со претседателските и локални избори во наредниот, втор круг.
Извор: Макфакс