Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, амбасадорот Питер Ајхер, оцени дека Македонија има капацитет и демократска волја за водење фер избори и оти е направен огромен чекор напред во споредба со ланските избори. Нема совршени избори и секогаш постои простор за подобрување на целиот изборен процес – рече тој.
Ајхер ги повтори забелешките дека изборното насилство мора да биде минато. За него, регистрираните и потврдени притисоци и застрашувања врз државната администрација се најсериозни проблеми за вториот круг, а како сериозни проблеми ги именуваше семејното гласање и големиот број процедурални недоследности утврдени на денот на гласањето.
Претседателката на „Транспарентност“, Слаѓана Тасева, забележа дека кај нас се работите обратно поставени. Ако секаде критериумите за успешност на изборите одат по редослед – партиски програми и понуди, трошоци, кампања во електронски медиуми, па реторика на учесниците, кај нас се тргнува од безбедноста, работата на институциите, кампања во електронските медиуми, па гласање и понуда.
– Првиот круг покажа дека постои волја да се успее и ако тоа го повториме и во вториот круг, сите заедно ќе дојдеме до целта – нагласи таа.Зоран Стефановски, претседател на Советот за радиодифузија, истакна дека и Советот и електронските медиуми го положиле тестот. Наспроти утврдените законски слабости и недоречености, медиумите, според него, покажале професионалност.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, покрај оценката дека ова се најдобри досега организирани избори, се обиде да ја минимизира трибината. Со конкретни прашања колку долго е во земјава и од кој дел на САД потекнува амбасадорот Ајхер, девалвирање на Стефановски поради неговата сопруга како советничка на СДСМ, и на Тасева како неуспешен кандидат за претседател поради несобраните потписи, сакаше да поентира дека невладиниот сектор работи на добивање лоши изборни оценки.
– Сега ќе ни даваат лепенки, зашто треба да се добиваат пари за проекти, а ние и во наредните сто години треба да учиме какви треба да ни бидат изборите. Лани јасно ни кажаа, сменете го името и се' ќе заборавиме, а ние самите, ако сакаме да си ставаме сопки, можеме тоа да го правиме 200 години – рече тој.
Тасева возврати:
– Жалам што Ѓорчев дојде неподготвен, без да го прочита подготвениот материјал, што не доликува за пратеник. Ја промаши темата, зашто критериумите не ги постави ОБСЕ, туку ЕУ. Сакавме да дадеме оценка дали ги исполнивме критериумите не заради меѓународната заедница, туку поради нас самите.Натамошната дискусија остана во сенка на домашниот резил пред странските амбасадори.
Извор: Дневник