Ова денеска во Скопје го изјави шефот на ОДИХР – ОБСЕ Питер Ајкер во првичната оценка на вториот круг локалните и претседателски избори.
„Задоволни сме што видовме мирна средина и добро организиран изборен ден, иако некои аспекти од кампањата сериозно го намалија квалитетот на изборниот процес“, додаде Ајкер.
Според меѓународните набљудувачи, проблемот на семејно гласање, иако намален останал и во вториот круг, а притисоците и заплашување на гласачи ја засенуваат генерално добрата оценка на мисијата.
ОДИХР посочи дека цензусот од 40 проценти за вториот круг претседателски избори создава можност за неуспех на изборите во иднина.
Меѓународните набљудувачи се загрижени во врска со точноста на избирачкиот список, особено тоа што голем број на граѓани се во странство.
Меѓународната заедница имаше околу 200 набљудувачи во вториот круг на претседателски и локални избори, односно половина помалку од првиот круг.
Набљудувачите, во прелиминарната оценка за првиот круг, соопштија дека Македонија ги исполнила повеќето меѓународни стандарди, иако и натаму остануваат некои предизвици.
Сепак, тие укажаа на одредени заплашувања за време на изборите врз граѓаните особено на државните службеници, како и примери на семејно гласање низ целата држава, посебно во западниот дел на Македонија.
Набљудувачите на меѓународната заедница посочија и дека властите и лидерите на политичките партии јавно искажале заложба за мирни и демократски избори, и оти реториката во кампањата главно била мирна и одмерена.
Извор: Макфакс