29.04.2009 Судски пресуди, стечајни постапки, информации за закажани претреси. Сите овие информации можат да се најдат на веб-страницата www.pravosudna-mreza.org.mk.
Проектот "Правосудна мрежа" вчера ја промовираше новата веб-страница која ги содржи сите конкретни информации за проектот, македонските судови, нотарите, судските преведувачи и вештаци.
Спорен холандската амбасадорка Симоне Филипини, Македонија во рамките на исполнување на услови за членство во ЕУ, треба да работи на транспарентност на судството. Оваа страница, според амбасадорката, ја води земјата токму во тој правец.
– Ова е многу важен проект за секоја земја која е кандидат за член на ЕУ, како и за подобрување на функционирањето на законите во државата, бидејќи станува збор за транспарентност во работата на целата структура на правосудството, а знаеме дека реформите во судството е еден од осумте услови за добивање на датум за преговори со Унијата, рече Филипини.
Според Правосудна мрежа, проектот подразбира модернизирање на правниот систем во Македонија, а се реализира врз основа на Договор за соработка меѓу македонското и хрватското Министерство за правда.
– Проектот претставува значителен придонес во реформите на правосудството, негова информатизација и модернизација, како и зголемувањето на транспарентноста на работата на судовите и нивна поголема достапност до граѓаните – посочија од проектот.
Тие велат дека со само еден клик граѓаните имаат достапност до сите информации на судовите и нотарите, вештаците, преведувачите… Тие велат дека овој проект е поддржан од страна на Врховниот суд, Здружението на судии, Академијата за обука на судии и обвинители и Нотарската комора.
Идните проекти на НВО "Правосудна мрежа" се врзани за објавување на сентенци на судските одлуки прифатени преку судска практика, како и проектот наречен он лајн стечај, каде на едно место ќе се евидентираат сите податоци врзани за стечајните постапки во земјава.
Извор: Вечер