02.05.2009 Македонија го дели 98. место по слободата на медиумите со Босна и Херцеговина, се наведува во Извештајот за 2008. на невладината организација Фридом Хаус со седиште во Вашингтон, која за слободата на печатот во овие две балкански земји даде оценка 47. Медиумите во Македонија се уште се оценуваат како „делумно слободни“.
Слободата на медиумите во светски рамки опаѓа веќе седма година по ред и тоа со влошување кое првпат е забележано во сите региони, се наведува во Извештајот на Фридом Хаус. Назадувањето не е веќе исклучиво врзано со авторитарните држави, со Израел, Италија и Хонг Конг, кои од катергоријата „слободни“ прејдоа во категоријата „делумно слободни“.
Во извештајот се оценува дека подрачјето на Средна и Источна Европа и поранешниот Советски сојуз претрпело поголемо опаѓање во медиумската слобода од кој било друг регион, со убиства на новинари во Бугарија и Хрватска, со напади а новинари во Босна и Херцеговина, се наведува во извештајот.
Состојбата во Русија е влошена поради правосудниот систем кој не ги штити новинарите од напади, како и со често загрозување на независноста на медиумите од оние кои ги носат прописите.
Во овој регион осум земји се ставени во категоријата „слободни“, 10 земји во „делумно слободни“ и 10 во „неслободни“, каде се рангираните сите поранешни руски републики, со исклучок на трите балтички. Белорусија, Узбекистан и Туркменистан се меѓу 10. најлошо рангирани земји.
Хрватска е на 81. место со оценка 38 во категоријата „делумно слободни медиуми“. Во истата категорија се Бугарија на 76. место со оценка 36, Црна Гора на 78. со оценка 37, Србија на 83. место со оценка 39 и Албанија 101 со оценка 50.
Меѓу земјите со најлош статус се Белорусија, Кина, Куба, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Иран, Лаос, Либија, Мианмар, Северна Кореја, Палестинската територија, Руанда, Туркменистан, Узбекистан и Зимбабве. На последното 195. место е Северна Кореја со оценка 98.
Западна Европа, особено скандинавските земји се на врвот по слободата на медиумите. Прв е Исланд кој има оценка девет, а следуваат Финска и Норвешка со 10, потоа Данска и Шведска со оценка 11. САД го дели 24 место со Чешка и Литванија со оценка 18.
Извештајот на Фридом Хаус, што е објавен пред утрешното одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите, не содржи одделни извештаи за земјите, кои ќе бидат објавени дополнително во текот на јуни.
Извор: МИА