27.05.2009 Во организација на Транспарентност-Нулта корупција, од 22-24 мај 2009 година, во Скопје беше одржана регионална конференција наречена "Самит за индикатори"
Целта на конференцијата беше да се развие методологија и систем на индикатори кои ќе овозможат воедначено следењето на напредокот во антикорупциските мерки во земјите од регионот, аспиранти за членство во Европската Унија.
На конференцијата присуствуваа претставници на регионалните национални ограноци на Transparency International од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија, Косово и Турција, како и претставници и експерти од Секретаријатот на TI од Берлин и експерт од Словенија.
Со свое воведно излагање на присутните на конференцијата им се обрати и амбасадорот на Кралството Норвешка во Република Македонија, господинот Carl Wibye.
Претседателот на Транспарентност-Нулта корупција, Д-р Слаѓана Тасева, пред своите колеги од регионот ги презентираше резултатите од едногодишниот проект "Перманентен антикорупциски-мониторинг на клучните приоритети во ЕУ – пристапниот процес", а претставниците од Црна Гора и Албанија ги презентираа своите искуства за следење на поодделни аспекти на механизмите за превенција на корупцијата.
Како резултат на оваа конференција, ќе се подготви заедничка апликација до ИПА фондовите за развивање на индикатори засновани на усогласен антикорупциски мониторинг систем.
Инаку, проектот ,,Перманентен антикорупциски мониторинг на клучните приоритети во ЕУ-пристапниот процес,, финансиски е подржан од Владата на Кралството Норвешка, а има силна политичка поддршка од земјата, преку претставниците на Владата на РМ, Собранието на РМ и граѓанските здруженија и претставници на приватниот сектор, во Управувачкиот комитет на проектот. Инаку, резултатите од истражувањата беа сукцесивно презентирани во текот на годината, а истите се објавени на нашата веб страна.