15.06.2009 Македонија обезбеди правна рамка во борбата против корупцијата, но треба поефикасно да поработи на имплементацијата на законите. Тоа е единствениот начин да го подобри својот рејтинг за евроинтеграциите. Ова, меѓу другото, можеше да се слушне на шестата годишна регионална конференција на „Транспаренси интернешенел“ за Европа и за Централна Азија што вчера почна во Охрид, а ќе се одржува до 17 јуни.
„Корупцијата не е наследена и ендемска појава која има свои засолништа во ставовите и навиките на луѓето, туку системска појава против која треба да се бориме сите заедно и да ја сведeме на најмало можно ниво. Корупцијата е жилав противник, но не е непобедлив. Успехот зависи од политичката волја, од решителноста и посветеноста на државните органи и судовите, но и од граѓанското општество и медиумите кои предлагаат акции, организираат јавни соочувања и придонесуваат со истражувачка работа на ова поле“, истакна премиерот Никола Груевски.
Според него, суштинска е потребата од широк фронт против корупцијата, при што секој со својот личен пример дава придонес во борбата против злото на денешницата. „Корумпиран судија, политичар, професор, цариник ја дава истата слика за целокупната своја професија и отвора сомневање за стотици други кои чесно и професионално ја извршуваат функцијата“, посочи Груевски.
Притоа, кажа дека до крајот на 2008 година се донесени 27 судски пресуди за корупција и организиран криминал, при што се санкционирани поранешни заменик-министри, директори и високи државни функционери. Во 2007 и 2008 година судовите изрекле пресуди за конфискација на имот во вредност од 2,6 милијарди денари или 43 милиони евра.
На конференцијата со околу 200 учесници од 45 земји, генералниот директор на „Транспаренси интернешенел“, Кобус де Швард, рече дека ќе му биде драго кога по неколку години властите во Македонија ќе потврдат дека искуствата од конференцијата им помогнале да постигнат брз напредок во борбата против корупцијата како универзален проблем што не познава ниту граници ниту сиромаштија или богатство.
Министерот за правда, Михајло Маневски, призна дека правосудството и натаму е на врвот на корупцијата и најави дека измените во законодавството набргу треба да дадат резултати. Тој потенцира дека воведувањето на специјалните истражни мерки го зголеми откривањето на кривичните дела од организираниот криминал и корупцијата, како што беше случајот на корупција на високи, локални полициски службеници.
„Со измените на Кривичниот законик се воведуваат нови кривични дела и повисоки казни, како што се делата за примање и давање поткуп. Покрај казните, ќе се изрекува и мерката за забрана за вршење на професијата“, потенцира Маневски.
За разлика од пред една деценија, кога срамежливо се зборуваше за корупцијата и организираниот криминал, благодарение на невладиниот сектор е подигната јавната свест, а за оцените за степенот на корумпираноста, разговараат владите на државите. Директорката на „Транспарентност – нулта корупција“, Слаѓана Тасева, вети дека на тридневната конференција домашните експерти ќе можат да ги слушнат странските учесници со кои ќе можат да дебатираат за проширувањето на ЕУ и реформите за антикорупција, корупцијата и економскиот развој и незаконскиот одлив на пари.
Извор: утрински весник