01.07.2009 Македонија и понатаму е земја на политички зависни медиуми, слабо судство и висок степен на корупција.
Ова се оценува во најновиот извештај на американската организација „Фридом хаус“, кој во земјите во транзиција анализира неколку критични параметри.
Најлош рејтинг – 4,25 од можен најлош седум, Македонија има за слободата на медиумите и корупцијата.
Особено е критикувана состојбата со медиумите, што е оправдано доколку се земе в предвид фактот дека овој рејтинг земјата го има од 2004 година и никако не се подобрува.
Според извештајот, медиумите во Македонија се под големо политичко влијание, а како пример се посочува дека сопственици на медиуми се истовремено и лидери на политички партии.
За време на изборите во јуни, медиумите во изборната кампања не ги третирале сите партии подеднакво. Регистрирано е и насилство врз новинарите, а како особен проблем на новинарите е посочена затвореноста на институциите, што се должи на недоволното спроведување на законот за пристап до информациите.
Во однос на корупцијата, се нагласува дека земјата иако има висок негативен коефициент, бележи подобрување во однос на 2008 и 2007 година, кога имала коефициент 4,50, односно 4,75.
Според „Фридом хаус“, земјата има лоши оценки и за судството и тоа поради големиот број на нерешени случаи, како и многуте процеси кои се водат против новинари.
Лоши оценки Македонија има и за националното демократско владеење, каде е регистриран коефициент 4,00.
Рејтингот во однос на развојот на граѓанското општество и влијанието на Невладините организации и понатаму останува ист и изнесува 3,25, и е всушност најпозитивно оценета област. Сепак во коментарот на Фридом хаус, се наведува дека Владата, иако ги почитува правата за формирање на ваков тип граѓански асоцијации, истите ретко ги кани на официјални настани и го зема в предвид нивното мислење.
Во извештајот изненадувачка е оценката за изборниот процес кој во 2009 -та е послабо оценет во однос на 2008 кога Македонија според сумираните оценки реализираше екстремно лоши избори со бројни нерегуларности и во кои животот го загуби едно лице.
Така за 2009 во оваа област земјата има коефициент 3,50 кој е полош во однос на тој лани, кој изнесуваше 3,25. Образложението се состои во „намалениот цензус за претседателските избори од 50 на 40-проценти излезност што ја ограничува потребата на претседателските кандидати да освојат поддршка од гласачите од различните етнички групи“.
Во 2009 според Фридом Хаус можни се превирања во владејачката коалиција, кои ќе се одразат преку притисок врз албанскиот коалиционен партнер за напуштање на коалицијата. Меѓуетничките односи во земјата може да бидат загрозени од влијанието од Косово кое во 2008 прогласи независност.
Владата ќе биде под притисок да направи поголеми економски реформи и да оствари повисок економски раст, додека евроатлантските интеграции и процесите поврзани со тоа се очекува да придонесат за стабилизација на земјата.
Извор: Макфакс