15.07.2009 Ни предложените измени на Законот не гарантираат дека ќе се дознае кои се финансиерите на политичките партии. Власта тврди дека тие ќе овозможат поголема контрола на парите, опозицијата ги смета за шминка, а експертите ги обвинуваат политичките елити дека не сакаат да го решат проблемот.
Измената на Законот за финансирањето на политичките партии е еден од условите зададени од Европската комисија, за позитивен извештај за напредокот на државата.
Со измените се предвидува намалување на донациите од физичките лица од 100 просечни плати на 75, а за фирми од 200 на 150. Ако се утврди дека партија добила поголема донација разликата ќе треба да му ја вратат на донаторот или да ја уплатат на сметка на Буџетот. Се зголемуваат глобите за прекршителите и како новина донациите и финансиските извештаи ќе се објавуваат на веб-страницата на партијата и најмалку во еден весник.
– Со измените на Законот за финансирање на политичките партии ќе се контролира користењето пари од приватни извори, особено во делот на примање донации – вели министерот за правда Михајло Маневски.
Пратеникот од СДСМ Владо Бучковски смета дека измените се обично лицемерство.
– Ова што се нуди е фрлање прав в очи. Треба некој да ни објасни како е можно пет илјади земјоделци што земале субвенции да бидат донатори за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Клучна забелешка на ОБСЕ и ОДИХР беше тоа што нема соодветен надзор над финансирањето на кампањите – рече Бучковски.
Неговиот колега Андреј Петров најави дека СДСМ ќе ја поддржи потребата од измена на Законот, зашто партијата смета дека треба да има ред.
Пратеничката од ЛДП Роза Топузовска-Каревска праша зошто измените на Законот Владата не ги направила пред претседателските и локалните избори, за кои во владејачката партија се слеале огромни пари, и оцени дека со нив не се менува ништо значајно.
Слаѓана Тасева од „Транспарентност – Нулта корупција“ предупредува дека Законот не го обработува главниот проблем – потеклото на парите.
– Ако средствата се легални, никој нема интерес да ги крие. Очигледно не се, па затоа ниту една власт или политичка партија не се зафаќа сериозно со оваа работа. На сите ни е јасно дека кој каква политика ќе води, зависи од тоа кој го финансира – вели Тасева.
Таа објаснува дека е неопходен надзор на финансиското работење на сите фондови, групации и компании кои се поврзани со партиите, бидејќи има многу начини за да се скрие изворот.
Извор: Дневник