Според статистичките податоци на МВР, во првата половина од годинава биле откриени за дваесет и пет отсто повеќе дела на примање и давање поткуп, односно вкупно 25 дела од кои во 15 случаи бил даден поткуп, седум пати парите биле употребени во спротивна насока – бил земен поткуп, а три пати било откриено и противзаконско посредување. Годинава биле откриени и четири случаи на перење пари каде што 22 лица што добиле кривични пријави испрале 170 милиони денари.
Сепак, најголема штета на буџетот на РМ е предизвикана од локалните моќници и директори, чии злоупотреби и малверзации во вкупно 43 случаи 599 милиони денари. Меѓу нив има директори, управители, стечајни управници, поранешни градоначалници, членови на одбори во фирми, адвокати и државни службеници.
Анализите на МВР покажуваат дека најбарани за поткуп биле токму нивните службеници и цариниците. Така во тринаесет од вкупно петнаесет случаи на поткуп на цариниците и полицајците им биле нудени пари за да „замижат“, и тоа најчесто на пасошката контрола на граничните премини во државата.
„Најпоткован“ во овие случаи бил адвокат што на полицаец му понудил 10.000 евра за да запре преткривична постапка. Меѓутоа, полицајците не само што се најбарани за да им се даде поткуп, туку тие се први и на листата кои со поткуп се обидуваат да „заработат“ некој денар повеќе. Нивната тарифа се движела од 10 па до 16.000 евра во зависност од „тежината“ на работата, која и онака требало да ја завршат.
Деталната анализа на полицијата покажала дека поткупот најмногу се нуди и бара во главниот град, а во Битола пак бил регистриран најголем степен на коруптивно однесување.
Извор: Нова Македонија