Споменатите законски корекции, заедно со законите за парламент и државна администрација, се обврски што треба да се исполнат до 15 септември, со што ќе се зголемат шансите за добивање позитивен извештај од Европската комисија. Минатата недела договор за поддршка на пакетот од три закони постигнаа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и на Нова демократија. Измените на Законот за финансирање на политичките партии е единствениот од трите проекти што не го проблематизира ниту една партија.
За разлика од партиите, експертите се скептични дека Законот ќе смени нешто во однос на тајните финансиски извори. Напротив, партиите се посочуваат како најголеми пералници на пари и доминира мислењето дека Законот се изигрува, а институциите, наместо да ги санкционираат прекршителите, го толерираат таквото однесување.
Сепак, надежите на предлагачот се дека овие законски измени ќе овозможат поголема контрола и транспарентност во финансирањето на партиите. Според Законот, доколку партиите јавно не го објават годишниот финансиски извештај на својата веб-страница и најмалку во еден од дневните весници, ќе бидат казнети со 2.500-5.000 евра. Годишниот финансиски извештај на политичката партија треба да содржи податоци за вкупните приходи и расходи, вкупен износ на донации, односно подароци, прилози, дотации, пари, материјални средства, опрема, услуги и друго, вкупен износ на членарина, сопствени приходи.
Со Законот се предвидува ако висината на донацијата е поголема од утврдениот износ, политичката партија да мора најдоцна за 15 дена да му ја врати разликата на донаторот. Доколку не може да се утврди потеклото на донацијата, овие средства во рок од 15 дена треба да ги префрли на буџетот. Доколку одговорното лице за финансиско работење на политичката партија најдоцна за 15 дена не ја врати разликата меѓу дозволената и донираната вредност, на донаторот ќе му се изрече глоба од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност. Глоба од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе и' се изрече и на политичката партија. На лицето одговорно за финансиско работење на политичката партија, која во рок од 15 дена од денот на добивањето на донацијата чие потекло не може да се утврди не ја префрли разликата во буџетот, ќе му се изрече глоба од 1.000 до 1.500 евра. За истиот прекршок политичката партија ќе треба да плати од 2.500 до 5.000 евра.