Транспарентност – Нулта корупција: Корупција има, но нема кој да ја пријави
25.08.2009 Во врска со вчерашната вест објавена на веб порталот Кирилица ( http://antikorupcija.kirilica.com.mk/antik.asp?id=30489 ) , која одекна како скандал во сите светски медиуми, за купување на Докторати на четири Универзитети во Германија, побаравме мислење од Транспарентност Нулта корупција, до каде се наоѓа Македонија во лоцирање и санкционирање на појавите на корупција во високото образование.
Според Транспарентност Нулта корупција во Македонија за жал корупцијата во образованието се уште претставува табу тема. Иако постои висок степен на перцепција за корупцијата, активностите и борбата за незјино сузбивање според нив се многу мали или подобро кажано невидливи или осетливи.
Главен проблем според нив е тоа што студентите се плашат да пријават вакви случаи кои им одат во прилог на молкот на професорите и универзитетските управи.
Поради тоа што никој не ги штити 100 илјади студенти, според Транспарентност Нулта корупција, тие помалку се одлучуваат гласно да зборуваат за коруптивните појави. Досегашниот модел на студентски правобранител, кој постои само на Скопскиот и Битолскиот универзитет се покажал како неуспешен. И Народниот правобранител регистрирал неколку случаи на претставки од студентите, но тие се симболични, додаваат од Транспарентност Нулта корупција.
Според Транспарентност Нулта корупција во следниов период многу е важно донесувањето на Законот за студенсски правобранител кој ќе значи создавање на една моќна и независна институција за заштита на правата на студентите, а во оваа насока и за борба против корупцијата во високото образование. Законот е дел од проектот на неколку невладини организации, вклучувајки ја и Транспарентност нулта корупција и Владата на Република Македонија.
Транспарентност нулта корупција ги охрабрува студентите да бидат послемели и да пријават случај на корупција, затоа што се уверени дека институциите можат да ги затворат очите пред неколку пријави, но не можат да замижат доколку тоа се бран на поплаки за коруптивно однесување во високото образование.
Во рамките на Транспарентност Нулта корупција функционира Центар за правна помош на граѓаните кои се жртви на корупција. Од таму велат дека конкретни пријави во рамки на високото образование за жал нема. Пријавите најчесто се однесувале на неправилности во постапките за прием на студенти, за непотизам на универзитетите и слично. Сите случаи поврзани со корупција од таму се препраќаат до полицијата, јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата.
Според Транспарентност Нулта корупција доколку во јавноста преовладува мислењето дека “нашето образование врие од корупција“ имаме голем број на институции во државава кои треба да го испитаат и санкционираат ваквото однесување.
Од Транспарентност Нулта корупција порачуваат студентите да бидат погласни во своите сознанија за корупција, но и професорите да се отворат и да почнат да зборуваат за корупцијата меѓу нив. Само на тој начин ќе имаме морално и квалитетно општество, додаваат од Транспарентност Нулта корупција.
Извор: КИРИЛИЦА