Студентите, пак, исплашени за своето натамошно студирање, засега за корупцијата зборуваат само низ факултетските ходници и во студентските домови. Тие се согласуваат да ги раскажат своите и искуствата на своите колеги, но под услов нивниот идентитет да не биде обелоденет. – Повеќе не се ставаат пари во индекс, туку се оди преку повеќе посредници, кои почесто се менуваат за да се прикријат трагите. Потоа првиот посредник, кој ги зема индексот и парите од студентот, веднаш оди во менувачница, каде што ги менува парите за да биде сигурен дека серискиот број на парите нема да биде запишан. Потоа парите преминуваат во рацете на повеќе посредници, за на крајот да завршат во рацете на корумпираниот професор – сведочи студент од трета година на скопскиот универзитет. „Ценовникот“ на поткупливите професори е различен, во зависност од факултетот и од тежината на предметот. Цената се менува и од сесијата, односно ако на студентот му е последна сесија, цената се зголемува за да не ја запише годината „на квадрат“ или „на куб“. Шестка за „најевтините“ испити во нормална сесија чини од 200 до 500 евра, а за потежок испит од кој зависи година може да достигне и до 2.000 евра. Невладините организации ги повикуваат студентите малку похрабро да и се спротивстават на оваа појава, ако сакаат таа некогаш да биде искоренета. – Ги охрабруваме студентите да бидат посмели и да ја пријавуваат корупцијата. Уверени сме дека институциите можат да ги затворат очите пред неколку пријави, но не можат да замижат доколку имаат бран поплаки за коруптивно однесување во високото образование – велат од „Транспарентност – нулта корупција“. Од организацијата „Транспарентност“ посочуваат дека никој не ги штити студентите што пријавиле корупција и дека досегашниот модел на студентски правобранител се покажал како неуспешен. – Во следниот период многу е важно донесување Закон за студентски правобранител, кој ќе значи создавање една моќна и независна институција за заштита на правата на студентите, а во оваа насока и за борба против корупцијата во високото образование. Во јавноста преовладува мислењето дека нашето образование врие од корупција, а во државата имаме многу институции што се повикани да ги испитаат тие сомневања – истакнуваат од „Транспарентност“.
Извор: Време
|