02.09.2009 По три години од донесувањето на Законот за слободен пристап до информации институциите се уште се затворени за јавноста, покажуваат анализите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Експертите истакнуваат дека институциите, иако се должни, сепак вешто ги кријат информациите, па затоа ги потсетуваат дека доследно почитување на овој Закон треба да опфаќа и информирање на јавноста за секоја нова реклама, спот, за секој договор за рекламни услуги платени со буџетски пари. Исто така, посочуваат дека овој Закон ги обврзува сите јавни институции да назначат службеници чија должност е да ја дадат информацијата побарана од граѓанин, новинар, медиум, невладина организација или кој било субјект, а која се однесува на сите аспекти од работењето на институцијата. Законскиот рок за добивање информација од јавен карактер е 30 дена. Изминативе три години граѓаните поднеле 1.230 жалби против институциите што не им одговориле на барањата. Нивните анализи покажале дека најзатворени се образовните институции, по нив следуваат државните институции, органите на локална самоуправа, политичките партии, акционерски друштва и јавни претпријатија. Бројот на барањата и жалбите од година на година се зголемува. Истражување на агенција „Брима галуп“ покажало дека дури 63 проценти од граѓаните на знаеле дека постои Законот за слободен пристап до информации. Според Јанко Николовски, претседател на Комисијата, смета дека досега значително е зголемена свеста на граѓаните за постоењето на овој Закон.
– Тоа го потврдува постојаното зголемување на бројот на граѓаните што знаат дека имаат право да побараат информации од јавен карактер, а жалбите ја покажуваат затвореноста на институциите – изјави Николовски.
Често и граѓаните правеле грешки во формулирањето на барањата, што покажува дека треба да се работи на нивно подобро запознавање со Законот. Најмногу барања се однесуваат на располагање со буџетски и донаторски средства, јавни набавки, издавање на разни дозволи, особено за изградба на објекти. Граѓаните барале информации и за лични и имотни права, социјална заштита, бројот на нови вработувања во државните институции, а се интересирале и за финансиската конструкција на кампањите што ги спроведува Владата, финансиската и материјалната состојба на општините и слично.
Извор: Време



