– Загрижувачки е што секоја година се' помало е процентуалното учеството на судскиот буџет во вкупниот буџет на државата. Со тоа се доведува во прашање нормалното функционирање на судовите, но се загрозува и независноста на судскиот систем. Буџетските ограничувања се голем ризик за самостојноста на судовите. Во развиените земји за независно судство се одвојува до 3 отсто од вкупниот буџет на државата – вели Вангеловски.
Тој објасни дека предложениот судски буџет за 2010 година не ги покрива реалните потреби на судската власт.
Во врска со проблемот на судење во разумен рок оценката на судиите е оти состојбата е подобрена за разлика од минатите години, а значително е намален бројот на нерешените предмети во основните судови.
Маневски смета дека најголемо намалување на нерешените предмети има за стечајните постапки.
Според владиниот агент во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Радица Лазареска Геровска, најголем проблем се извршните предмети и таа порача основните судови дополнително да се ангажираат за нивно решавање.
– Пред Европскиот суд има предмети од Македонија што се однесуваат на прекршување на правото на судење во разумен рок за судски постапки кои траеле 10, 15 па и 30 години. За ваквите предмети нема одбрана, но во иднина ќе има се' помалку постапки што се однесуваат за судење во разумен рок. Една од причините е што прво Врховниот суд на Македонија ќе одлучува за овие постапки пред тие воопшто да дојдат пред судот во Стразбур – вели Геровска.
Васил Грчев, претседател на Судскиот совет, објасни дека се предвидени санкции за судиите за кои ќе се утврди вина дека не завршиле предмет во разумен рок.
Извор: Дневник