Тоа е речиси едногласна одлука на главните уредници на електронските и печатените медиуми кои учествуваа во анкетата Бистро – Матно на Новинската агенција Макфакс и на невладина организација „Транспарентност нулта корупција". За одлуката на Апелација гласаа 12 од вкупно 14 учесници во анкетата.
Матната страна на корупцијата во август речиси рамноправно ја одбележаа два настана. Одлуката на Министерството за внатрешни работи тендерот за набавка на маици за полицијата да го додели на маркетинг агенција е на прво место со 7 гласа.
Само еден глас помалку има аферата со надоместот што пратениците го добиваат за користење на приватни возила. Собранието лани исплатило нешто помалку од 750 илјади евра за надоместоци за пратениците што со своите возила патуваат за службени цели.
Скандалот со промовирање, а потоа и повлекувањето на проширената листа на лековите е на трето место во анкетата со само еден глас.
На листата на бистри настани, покрај одлуката на апелација за спорот ЕВН – ЕЛЕМ, за што реагираше Европската Комисија, а австриската компанија поднесе тужба против Македонија пред Меѓународниот суд во Вашингтон, е и полициската акција „Бумеранг". Акцијата, во која се уапсени 58 полицајци осомничени дека како организирани групи барале и земале поткуп, во анкетата доби два гласа .
Месечната анкетата „Бистро-Матно" агенцијата Макфакс и „Транспарентност нулта корупција" ја организираат од 2004 година. Во анкетата за август учествуваа главните уредници на телевизиите: Алсат, Канал 5, Телма, Наша ТВ, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Време, Нова Македонија, Утрински весник, неделниците Глобус, Фокус, Форум и Капитал.