Само за 25 дена во септември годинава ревизорот соопшти сомнителни откритија за речиси третина министерства, што упатуваат на криминално трошење милионски суми евра народни пари во 2007 и во 2008 година. Наодите за лошо менаџирање и финансиски опашки се однесуваат на министерствата за транспорт и врски, надворешни работи, труд и социјална политика, правда.
Остана да виси во воздух дали ресорот на чие чело е Миле Јанакиески неоправдано потрошил десет милиони евра или 21 милион евра како што обвини опозицијата. Тоа ќе го дознаеме некогаш, можеби и по една година кога МВР ќе заврши со истрагата на доказите, која ја побара Обвинителството откако јавноста испорача жесток притисок.
А во меѓувреме пристигнаа наодите за Министерството на Антонио Милошоски. Ревизорите обелоденија неправилни финансиски чекори во дипломатијата, кои достигнале фрапантни 29 милиони евра. Нема ништо чисто и во кабинетите што се одговорност на Михајло Маневски и на Џељаљ Бајрами, откри Државниот завод за ревизија. Во Правда се евидентирани неоданочени приходи од околу 200.000 евра, за кои без документација ревизорите не можеле да ја утврдат целта, точноста и законитоста. Незаконски потрошени 30.000 евра констатирала ревизијата во Труд, а убави износи како хонорари за членство во комисии легнувале на контата на вработените.
Во нормални држави откритијата на ревизорот би размрдале цел синџир од институции. Но, кај нас како да нема корист од работата на ревизорот. Собранието не собра сила да дискутира на седница за сомнителен ревизорски извештај, а кога бега од жешка тема и не може да побара политичка одговорност. Институциите се вртат во круг и избегнуваат постапки за да го потврдат или за да го демантираат она што го сервира ревизорот. Наместо да ги консолидираат своите редови и да иницираат постапки надлежните избраа да молчат и да ја префрлаат работата во други дворови.
Во практиката се докажа дека првпат криминалната афера „Бачило“ беше зачната токму во ревизорски извештај, за работењето на Министерството за одбрана.
„Основна надлежност на Државната ревизија е анализа на финансиските податоци на институциите и менаџирањето со буџетските пари. Доколку ревизорот утврди дека постои основано сомневање за сторен прекршок или за кривично дело, за тоа треба да ги извести надлежните органи поради поведување соодветна постапка, а надлежните органи се должни за преземените мерки да го известат Државниот завод за ревизија во рок од 90 дена“, објаснуваат од Државниот завод за ревизија.
Што е во прашање, дали на ревизорот му е потребна поинаква поставеност во системот или во прашање е немоќта на институциите од кои се очекува реакција? Експертите тврдат дека во ДЗР не се надлежни за истрага, но дека се добро поставени во хиерархискиот систем. Проблемот, според нив, е кај оние што треба да чепкаат по документите, а се однесуваат како да се буквално во скутот на власта.
„На вакви ревизорски извештаи паѓаат министри. Но, кај нас нема систем на одговорност. Работата за институциите што трошат јавни пари се покрива со транспарентност – извештаите на ревизорите. Но, власта затајува со отчетноста, што е знак на лошо, незаконито и неодговорно владеење. Моментно толерираме незаконито работење од врвот на власта. Срамота е ова што го прави Обвинителството“, изјави претседателката на „Транспарентност-нулта корупција“ и поранешна антикорупционерка, Слаѓана Тасева.
Од Обвинителството коментираат дека извештаите на државните ревизори се само технички материјали и оти во нив многу ретко може да се најдат криминогени елементи. Тоа не е доволно за отворање постапка.
Државниот обвинител Љупчо Шврговски досега најави истраги и за Министерството за транспорт и врски и за Министерството за правда. Скопското Обвинителство побарало од полицијата да истражи документи, банкарски сметки и финансиски трансакции во Транспорт и да утврди дали во нив има елементи на кривична или на прекршочна одговорност. Обвинителството ќе подигне обвинение доколку се докажат незаконити набавки.
Ревизијата во Министерството за транспорт и врски откри непотрошени буџетски пари за изградба на северната трибина на стадионот „Филип Втори“ и за станови, кои наместо да ги врати назад во Буџетот, Министерството ги орочило во банка. Покрај ова, над два милиона евра биле префрлени во Македонски железници, но нема доказ како се потрошени.
СДСМ уште во текот на јуни, на седница на пратенички прашања, предупреди дека во Министерството на Јанакиески на мистериозен начин се трошеле огромни суми, а дека првиот човек вешто избегнувал да става потписи на зделките. Јанакиески на прес-конференција ги демантираше обвинувањата.
Во последниот ревизорски извештај за Правда ревизорите констатирале дека на лица ангажирани по договор за дело незаконски им биле исплатени 12.000 евра, на волонтери околу 2.200 евра, над 3.000 евра за прекувремена работа на администрацијата и 27.700 евра на професори, судии, обвинители, нотари, адвокати што работеле на изработка на закони. Ненаменски биле потрошени 44.000 евра за рекламни спотови на телевизиите А1, Сител и Канал 5, кои не биле обезбедени во Буџетот и 56.000 евра за преводи на текстови. Без јавни набавки Министерството и' исплатило 148.000 евра на Агенцијата за привремени вработувања „Проспект“ од Прилеп за привремено вработените, 26.000 евра за рекламирање на Министерството во дневни весници, додека на туристичката агенција „Орфеј“ за набавка на авионски билети за екстрадиција на осудени лица, спротивно на Законот за јавни набавки, биле платени 45.700 евра.
Извор: Утрински весник