12.10.2009 Медиумите како најголеми донатори на политичките партии во изборните кампањи се најматни за септември, зад нив се нејасните трошоци на министерствата.Вака одлучија 18 уредници на електронските и печатените медиуми, кои учествуваа во анкетата Бистро – Матно на Новинската агенција Макфакс и на невладина организација „Транспарентност нулта корупција".
Резултатите од извештаите на Државниот завод за ревизија за финансиското работење на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, според кои медиумите се најголеми донатори на партиите во изборните кампањи, добија осум „матни“ гласа. Канал 5 телевизија и дала попуст на ВМРО-ДПМНЕ од 97% (над 115 милиони денари), додека „А1“ и „Сител“ не доставиле документи.
Седум гласа добија министерствата, кои во 2007/2008 година, според ревизијата ненаменски потрошиле десетици милиони евра. Лошо менаџирање и финансиски опашки имало во ресорите за транспорт и врски, за надворешни работи, за труд и социјална политика и во правда.
Дебата „Како Република Македонија да дојде со суштински судски реформи“, каде за проблемите се соочија и отворено разговараа судиите, невладиниот сектор и новинарите е најбистар настан со девет гласа.
Осум „бистри“ гласа доби Македонската берза, која ги измени и дополни правилата за котација, со цел да се зголеми транспарентноста на секојдневното работење на котираните друштва.
Недоволната истраженост на корупцијата во приватниот сектор за која македонските бизнисмени малку зборуваат доби три „матни“ гласа.
Месечната анкетата „Бистро-Матно" агенцијата Макфакс и „Транспарентност нулта корупција" ја организираат од 2004 година. Во анкетата за септември учествуваа главните уредници на телевизиите: А1, Алсат, Канал 5, Наша ТВ, Сител, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вечер, Вест, Време, Дневник, Лајм, Нова Македонија, Утрински весник и Факти, неделниците Глобус, Фокус, Форум и Капитал.