Група студенти од скопскиот Правен факултет велат дека судиите ќе мора да се објективни и непристрасни, а и нема да можат да ја злоупотребуваат моќта за лични или за политички интереси. Експертите укажуваат дека со тоа ќе се обезбеди транспарентност на работата на судиите и јавност на постапката, но предупредуваат на можните замки од погрешна употреба на податоците за странките во судскиот процес. Гордан Калајџиев, универзитетски професор, објаснува дека во предложените измени на Законот за кривична постапка е вметнато цело поглавје за заштита на личните податоци. Експертите од работната група предлагаат обработката на личните податоци за потребите на кривичната постапка од судот, обвинителството и другите органи со посебни овластувања ,според овој закон, внимателно да ги собираат, обработуваат и чуваат лични податоци, водејќи сметка природата и обемот на податоците да се соодветни на потребите во случајот. Тие предвиделе дека збирките кои содржат лични податоци за потребите на кривичната постапка ќе се востановуваат со закон. Но, при објавувањето на пресудите во електронска форма, на интернет или на друга комуникациска мрежа, не смее да постои можност за дигитално пребарување според категории на лични податоци или поединечни лични податоци. – Предлог-законскиот текст детално ја предвидува заштитата на учесниците во судската постапка – посочуваат и од Дирекцијата за заштита на личните податоци, во чијашто надлежност треба да биде надзорот врз обработката на личните податоци и нивната заштита. Личните податоци кои не се точни или кои се собрани спротивно на законот, ќе мора веднаш да се изменат или да се избришат, а точноста ќе се проверува на пет години. Податоците ќе може да се даваат на користење на државни органи и други граѓани и фирми, а ќе може да се користат и во други кривични постапки, при барања за меѓународна кривично-правна помош и полициска соработка, а во другите судски постапки само ако предметот е директно поврзан со предметот на кривичната постапка. Податоците собрани исклучително врз основа на утврдување на идентитетот, телесен преглед или молекуларно-генетска анализа, по завршувањето на кривичната постапка може да се користат, во согласност со закон, само за откривање или за спречување други кривични дела. Новина е и тоа што обвинетиот ќе има право да биде информиран како биле собрани, обработувани или чувани неговите лични податоци, за што се задолжени обвинителството и судот. Но, ни тоа нема да е можно пред да истече една година од издавање на налогот за истражната постапка.
Новинарските белешки доказ?
Меѓу доказниот материјал што се обезбедува за кривичната постапка се предлага и со судска наредба да не можат да се одземат записите за факти што ги направиле новинари и нивните уредници во средствата за јавно информирање, а се собрани од изворот за известување. Исто така, не може да се одземат и податоците за кои дознале во вршењето на своето занимање и кои се употребени во текот на уредувањето на средствата за јавно информирање, а кои се во нивно или во владение на редакцијата во која се вработени. Сепак, забраната не важи ако се работи за предмети што мора да се одземат според Кривичниот законик, но и за кривичните дела што се на штета на деца и на малолетници.
Извор: Време