„Она што можам да го кажам е дека постои иницијатива за отворање канцеларија за односи со јавноста. Активностите на канцеларијата се насочени во два прваци. Едниот е потребата на граѓаните да поставуваат прашања или да доставуваа одредени поплаки до судот, а другиот се однесува на новинарите, кои професионално ја следат работата на судот. Со првата иницијатива судот треба да ги слушне потребите на граѓаните, а со втората да им се проследи навремена и точна информација на новинарите“, вели истражниот судија од Одделот за организиран криминал и портпарол на Основен суд Скопје 1 – Скопје, Владимир Туфегџиќ.
Според портпаролот Туфегџиќ, идејата за отворање канцеларија за односи со јавноста е прифатена од претседателката Лидија Неделкова и од судскиот колегиум. Ставот на судиите е дека Основен суд Скопје 1 е најголем суд во Македонија и самиот по себе предизвикува интерес кај граѓаните.
Според мислењето на судскиот колегиум, посебни придобивки од новиот начин на комуникација ќе имаат новинарите, бидејќи информациите што се бараат ќе бидат проследувани навреме, а нивната точност ќе биде неспорна.
„Сметавме дека ова е начинот што ќе придонесе да се напушти практиката за работата на судот да се информира ’од извори блиски на судот’ или ’од судските кулоари’. За начинот како ќе се комуницира со новинарите, ќе стане збор повеќе на неформалната средба што ќе ја има претседателката на 5 ноември, во големата на сала на нашиот суд. Крајната цел е разбивање на стереотипот за затвореност на судот и пласирање информации до мера до која дозволува законот“, вели судијата Туфегџиќ. „Во реализирањето на овој проект, наидовме на големо разбирање и помош од УСАИД и од Македонскиот институт за медиуми“, додава тој.
Од судот не можат со точност да кажат кога ќе дојде до реализацијата на овој проект. Првично се веруваше дека отворањето на канцеларијата ќе се случи на 1 јануари идната година, но е можно овој рок да се одолжи, бидејќи судот има потреба од дополнителни средства во буџетот, кој и онака е ограничен, а понекогаш се случува да го доведе во прашање и нормалното функционирање на судот. Дополнителен проблем е и просторот.
Иако почетокот на работењето на канцеларијата за односи со јавноста се’ уште е неизвесен, сепак, ги има своите почетни форми. „Точно е тоа дека канцеларијата е веќе во функција, но не онака како што ја имаме замислено. Таа сега функционира преку нашата веб-страница на која ги примаме забелешките и прашањата на граѓаните. Во план е стручен соработник да ги проследува сите потребни информации за новинарите до претседателот и до портпаролот на судот. Во изминатиов месец не сме примиле никаква забелешка од новинарите што ја следат нашата работа, што ни дава за право да веруваме дека она што го работиме подразбира брзо и објективно информирање“, вели судијата Владимир Туфегџиќ.
Моментно во скопскиот Кривичен суд се активни 55 судски процеси од областа на организираниот криминал и корупцијата и уште 4.790 предмети од обичниот криминал, а на овие бројки се надоврзуваат и постапки што се во фаза на истрага, како и оние за малолетни лица.
Извор: Утрински весник