– Најголема пречка за остварување на медиумските цели е корупцијата, која го нарушува развојот на целиот свет – порача вчера претставничката на УНДП, Михаела Стојковска.
Годинава Македонија забележа благо поместување во однос на перцепцијата на корупцијата во последното истражување на „Транспаренси интернешнел“. Нашата држава се најде на 71-то место од вкупно 180 држави, што е за едно место погоре во однос на лани, на исто рамниште со Бугарија, Грција и Романија.
– Македонија е една од понапредните земји во борбата со корупцијата. Но, не можеме да бегаме од фактот дека имаме еден сериозен генератор на корупција, а тоа е високиот степен на политизација и партизација на институциите – вели Мирјана Димовска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.
За Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспарентност – нулта корупција“, во Македонија сé уште недостигаат основните механизми за борба против корупцијата.
– Сé уште се соочуваме со неефикасност на органите кои водат истраги, а немаме ни ефикасни судски пресуди за дела од областа на корупцијата. Потребно е отчетно однесување на Владата и на државните органи, бидејќи најголемиот број посочувања за коруптивни однесувања се насочени токму кон Владата, без разлика дали станува збор за кампањите, отчет за работата или пак за одговорност за она што го утврдуваат државните ревизори – вели Тасева.
Локалната самоуправа, судството, градежништвото и урбанизмот се најпосочуваните сфери во Македонија подложни на корупција. Во поглед на спречувањето на корупцијата на локално ниво вчера беше истакнато дека општините стануваат се поотворени кон граѓаните, се организираат јавни расправи за сите важни документи и проекти, а е формиран и етички кодекс на локалните власти.
– Заеднички став на сите градоначалници е дека не треба само декларативно да се фалиме со кодексот, туку со него вистински да им овозможиме на граѓаните да бидат нашата контрола за неговото спроведување – вели градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, кој е и потпретседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Сепак, декларативноста како да остана општ белег на Македонија кога станува збор за борбата против корупцијата. Многу закони, многу правилници, а малку практика.
Годинава не успеавме да видиме епилог од кој било извештај на Државниот завод за ревизија во однос на трошењето пари на дел државни институции. Не видовме ниту епилог од четирите хашки случаи што и беа вратени на Македонија. Големиот случај „Змиско око“ заврши со ослободителни или условни пресуди, а укинати беа и пресудите за Владо Бучковски и Васил Тупурковски. Завршница не доби ниту големиот случај „Изгрев“. Македонија одржа претседателски и локални избори, а вистинското потекло на парите со кои се финансираат кампањите остана енигма за обичниот граѓанин. Функционерите ги пополнија анкетните листови за потеклото на имотот, но за ниту еден не беше обелоденето дека имотот го стекнал со неоданочени пари.
– За жал, сé уште сме во сферата на декларативното. Од тие причини, ни требаат институции што се борат за да бидат независни – вели Тасева.
Вчера, на Меѓународниот ден против корупцијата извршниот директор на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал Антонио Марија Коста во Брисел повика на целосна имплементација на Конвенцијата на ОН против корупцијата. Оваа конвенција, која има стотина страници, содржи детални мерки за спречување и борба против корупцијата во јавниот и во приватниот сектор.
Извор: Нова Македонија