Јавното емитување на снимките, што стана повод за политички пресметки, доби 11 „матни“ гласа во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и невладината организација „Транспарентност – нулта корупција“, во која учествуваа 18 главни уредници на печатени и електронски медиуми.
Бошкоски тврди дека изјавата дадена во судот Пула во 2004, не е негова, туку е само цитат на извештај на АРМ, што зборува за легитимна акција, одобрена лично од претседателот Борис Трајковски во Љуботен во 2001. Поддржувачите на Јохан Тарчуловски, кој е осуден од судот Хаг и чие име Бошкоски го споменува, го обвинија „братот“за предавство. Бошкоски одговори дека неговата поранешна партија води хајка против него.
Пет „матни“ гласа доби ставот на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Мирјана Димовска, која во исто време е и директор на првиот програмски сервис на Македонската Телевизија и медијатор, а во тоа не гледа судир на интереси.
„Кај претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата нема никаков судир на интереси“, одговори Димовска на пратеникот Менде Диневски, кој во Собранието ја посочи антикорупционерката како „школски пример за конфликт на интереси“.
Неправилностите во финансиското работење на поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски, што ги утврди ревизијата добија два „матни“ гласа.
Во анкетата за ноември не беше направен избор на бистри настани.
Во анкетата „Бистро – Матно“ учествуваа телевизиите, А1, Алсат, Алфа, Канал 5, Телма, Наша ТВ, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Време, Дневник, Лајм, Нова Македонија, Утрински весник и неделниците Глобус, Капитал, Фокус и Форум.
Анкетата „Бистро – Матно“ како дел од борбата против корупцијата се спроведува пет години.