Стразбур е крајно загрижен откако констатира дека јавното мислење во Бугарија, Грузија, Ерменија, Македонија и во Косово смета дека правосудството е најкорумпираната институција во нивната држава.
„Во мојот извештај констатирав, што многу ме изненади, дека во многу земји луѓето гледаат во правосудството како во најголем извор на корупција. Македонија се наоѓа во таа категорија земји“, вели финскиот пратеник Кимо Саси, кој го изработи извештајот за корупцијата во судскиот систем.
Од овој извештај се гледа дека Македонија, заедно со другите земји што се ставени уште на првата страна на извештајот, се дистанцираат од другите земји по тоа што јавното мислење во нив гледа на корупцијата како на проблем што се однесува на сите јавни институции, а на правосудството се гледа како на најкорумпирана институција кое е задолжено да ги гони корумпираните и да ги заштитува тие што ја откриваат корупцијата.
Слабостите и неефикасноста на македонскиот правосуден систем често е посочувана како од меѓународните, така и од внатрешните фактори, но тоа што загрижува е дека на правосудниот систем се гледа како изложен на корупција и подложен на политичко влијание.
Македонската Влада во 2004 година усвои стратегија за реформа на правосудниот систем и за зацврстување на неговата независност и ефикасност. Но, и покрај напредокот, забележан последниве години довербата во правосудството останува и понатаму слаба.
Групата земји за борба против корупцијата ГРЕКО на Македонија и’ дава преодна оцена кога станува збор за законските рамки за борба против корупцијата. ГРЕКО моментно е во нив циклус на процена за Македонија и наскоро се очекува објавување на нов извештај. Сепак, според внатрешните и надворешните набљудувачи на борбата против корупцијата, нема некои позначајни резултати.
Андреј Жерновски, еден од членовите на македонската собраниска делегација при ПС на СЕ, не ја негира констатацијата направена во Стразбур.
„Во овој случај се работи за посочување на еден проблем, кој е реалност во Македонија и е набележано токму каков е ставот на граѓаните за ова прашање. Тоа е точно дека во сите анкети судството е означено како институција која е најкорумпирана или една од најкорумпираните. Тоа не е проблем, ако зборуваме реално, само на актуелната влада, тоа е проблем наназад, што не успеваат да го решат повеќе влади“.
Македонските парламентарци присутни во Стразбур не се ни обидоа да направат измени или да дискутираат за содржината на извештајот кој според нив рефлектира една ситуација од пред неколку години. Известувачот се повикува на анкетите на„Трансапренси интернешенел“ и извештајот на комесарот за човекови права.
Известувачот, финскиот парламентарец Кимо Саси во однос на слабостите на македонскиот правосуден систем обвинет за корупција, се обидува да релативизира.
„Тоа не треба да значи дека таа е најкорумпирана земја, но тоа не оди заедно и тоа не е добро. Ова предизвикува загриженост, затоа и ги охрабрувам властите и парламентарците на Македонија да дејствуваат, бидејќи имаат уште многу работа да направат за спречување на корупцијата во рамките на правосудството. Во извештајот јасно подвлекувам кои мерки треба да бидат преземени за независност на правосудството, кои им се добро познати на македонските власти“.
ПС на СЕ ги повикува земјите-членки на Советот на Европа да не ја игнорираат корупцијата во судството и да направат самокритика и со следење на примерот на Германија, односно да го проучат нивото на длабочината до која допрела корупцијата во правосудниот систем и да преземат превентивни мерки уште при првите сигнали на опасност.
Дик Марти, претседател на мониторинг-комисијата на ПС на СЕ, кој ја поздрави храброста на италијанските судии во борбата против корупцијата и мафијата ја квалификува корупцијата „вирус што ги гангренира сите државни структури. Во некои земји тоа е многу повидливо во споредба со другите каде што е прикриено тоа“, вели тој.
Извор: Утрински весник