14.02.2010 Корумпираноста на македонското судство е најматен настан за јануари, по што следи трошењето на европски пари од страна на првиот човек на Агенцијата за европски образовни програми.
Вака одлучија 17 уредници на електронските и печатените медиуми, кои учествуваа во анкетата Бистро – Матно на Новинската агенција Макфакс и на невладина организација „Транспарентност нулта корупција".
Комисијата за правни прашања и човекови права при Парламентарното собрание на Советот на Европа изрази загриженост поради мислењето на граѓаните во Македонија дека судството е корумпирано, што резултираше со девет „матни“ гласа.
Осум гласа доби директорот на Агенцијата за европски образовни програми, кој трошел пари од европските фондови на невладини организации на негови роднини и пријатели, спротивно на законите.
Интерпелацијата за разрешување на Мирјана Димовска од местото претседател на Државната комисијата за спречување корупција е „најбистар“ настан во јануари, со освоени 13 гласа.
Четири „бистри“ гласа доби и стартот на електронското водење на судските предмети во државата, со што на граѓаните им се овозможува целосен увид до каде стигнал некој судски процес.
Во анкетата за јануари учествуваа главните уредници на телевизиите: А1, Алсат, Канал 5, Наша ТВ, Телма, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Време, Дневник, Лајм, Нова Македонија и Утрински весник, неделниците Глобус, Фокус, Форум и Капитал.