Доделени пофалници на ученици од средните училишта за најдобри есеи на тема “Корупцијата не е моја иднина“
09.03.2010
Борбата против корупцијата е предизвик за сите генерации. За возрасните таа е изразена во потребата да изградат општество во кое сите убаво ќе живееме и ќе имаме подеднакви можности за работа и напредок. За младите е предизвик, да разберат и да сфатат, каков е овој проблем и зло кое може да ја загрози нивната иднина – истакна претседателката на Транспарентност – Нулта корупција Проф. Слаѓана Тасева. Таа додаде дека оваа пилот активност – доделување пофалници за најдобрите есеи од средните училишта на темата – “Корупцијата не е мојата иднина“, која е во рамките на проектот “Културата на законот наспроти корупцијата“, е прва и единствена од овој вид.
– “Од возрасните зависи, дали младите ќе имаат можност да научат во што се состои корупцијата, и зошто велиме, дека таа е зло. Учениците од средните училишта ова зло многу добро го препознаваат, и имаат многу убави идеи за тоа каква сакаат да биде нивната иднина, без корупција“ – нагласи Тасева.
Свеста полесно се креира кај децата и младите, отколку кај возрасните. Да се научат младите за сите негативни аспекти на корупцијата е најдобрата превентивна мерка што ја имаме во борбата против ширењето и растот на корупцијата, смета норвешкиот амбасадор во Република Македонија, Кјетил Паулсен и додава дека подигањето на свеста меѓу младите е многу важна, но и донесувањето на закони што ќе ја регулираат оваа материја. За него, и развиената свест е клучна за препознавање и справување со ова зло.
– “Зошто токму образованието треба да биде водечки едукатор кај младите?“ – праша директорот на скопската гимназија “Раде Јовчевски Корчагин“, Драган Арсовски. – Одговорот е многу едноставен, сите информации учениците ги добиваат од медиумите, а не од училиштата. Затоа во образованието треба да се воведе наставен дел кој ќе го научи младиот човек, дека иднината не е во корупцијата, затоа што е многу полесно да се научат да се прекрстат отколку да и кажат “Не“ на корупцијата.
Со почитување на семејството и традицијата со тек на време, зборот корупција ќе биде избришан како збор, категорична е Снежана Малцова Миронска, директорката на скопската гимназија “Јосип Броз Тито“.
“Семејството отсекогаш ја дава основната насока на секој ученик, па доколку секој од нас тргне од семејството и го воспитува детето онака како што треба, во согласност со законите на една држава, корупцијата ќе биде на најниско ниво“ – смета Миронска.
Пофалници за најдобри есеи на тема : „Корупцијата не е мојата иднина“ добија ученичките : Верче Карафилоска, Тамара Котевска и Симона Локвенец од СУГС “Раде Јовчевски Корчагин“ и Сара Робели од СУГС “Јосип Броз Тито“.