25.03.2010 Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска на редовна седница со единствена точка на дневен ред го избра Иљми Селами за претседател на комисијата.
Селами беше избран со четири гласа „за“ од вкупно седум гласа, а негов противкандидат беше Зоран Додовски.
„Сите во Комисијата сме свесни за предизвиците што стојат пред нас дека треба да покажеме поголема ефикасност и на тој план силите двојно ќе ги зголемиме. Не ценам дека Комисијата досега не ја вршеше добро својата работа, оти секој што работи и греши, но сметам дека секогаш работите можат да бидат сработени подобро“, изјави Селами по седницата на која беше избран за претседател на Антикорупциска.
Тој рече дека ќе посвети особено внимание на оние точки што беа во Извештајот на ЕК оценети како негативни.
На седницата се појавија и Мирјана Димовска и Зоран Додевски.
Седницата беше свикана по барање на пет члена на Комисијата, а не како досега од претседателот на Комисијата. Скоро пет недели оваа институцијата немаше формално назначен претседател откако на Димовска и истече мандатот.
Во меѓувреме, таа беше зафатена со интерпелацијата, а потоа престанала да се појавува на работното место од здравствени причини, по што работата на Антикорупциска беше практично блокирана.
Извор : Макфакс