19.04.2010 Изборот на новиот претседател на Државната комисија за спречување корупцијата е убедливо најбистар настан во март годинава, додека прво меѓу матните е необјавувањето на висината на долгот што државата го има кон приватниот сектор.
Вака гласаа 16 главни уредници на електронски и печатени медиуми во Македонија, кои учествуваа месечната анкета „Бистро-Матно“ на Новинската агенција Макфакс и на невладината организација Транспарентност нулта корупција.
Со 15 гласови изборот на новиот претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата Илми Селами и ветувањето дека антикорупционерите ќе работат транспарентно и за искоренување на неправилностите наведени во извештајот на Европската комисија, е прогласен за најбистар настан.
Само еден глас за бистар настан добија обуките за превенција на перењето пари, кои што ги организира Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.
Најмногу, вкупно седум гласови, за матен настан доби необјавувањето на висината на долгот што државните институции го имаат кон приватниот сектор. Бизнисмените во март побараа од владата да излезе со точните бројки на меѓусебно должење, а според непотврдени информации долгот на државата кон стопанството достигнал 100 милиони евра.
На второ место меѓу матните настани, со пет гласови се најде случајот со гардистите -криминалци, од кои едниот е осомничен за убиство, а другиот за разбојништво, што ги отвора дилемите за начинот на вработување на припадници во елитните безбедносни сили.
Неправилностите и ненаменските трошења на пари во Агенцијата за странски инвестиции, утврдени од страна на државната ревизија се најде на трето место меѓу матните настани во март годинава.
Во анкетата „Барометар на корупцијата“, што од 2005 година ја спроведуваат новинската агенција Макфакс и невладината организација Транспарентност нулта корупција, во март учествуваа уредниците на телевизиите А1, Канал5, Телма, АлфаТВ, Наша ТВ, Алсат, и весниците Утрински весник, Дневник, Вест, Нова Македонија Глобус, Капитал, Фокус, Лајме, Бизнис и Форум.