21.04.2010 Правната несигурност е најголемата пречка што им оневозможува на компаниите да инвестираат и со тоа да придонесат да закрепне македонската економија, порача бизнис-заедницата на конференцијата „Македонската економија – надминување на пречките преку користење на сопствените потенцијали“, која во организација на Европската бизнис-асоцијација се одржа вчера во Скопје.
Според претседателот на Европската бизнис-асоцијација Гинтер Офнер, Македонија подобро се справи со светската финансиска криза во споредба со соседните земји од регионот, но сега е време да се спроведуваат реформите и да се оди напред.
– Правната рамка што им овозможува на компаниите да инвестираат на предвидлив и транспарентен начин по мерка на животната средина и бирократијата, не како пречка, туку како можност за јакнење на интеракцијата меѓу бизнисот и Владата, е клучен фактор за закрепнување на македонската економија – рече Офнер.
Корупцијата, нетранспаретноста при склучувањето на договорите, неможноста да се обезбеди нивна гаранција и лошата работа на судството, се пречките за директните странски инвестиции во Македонија, оценија експертите.
– И по 10 години нема промена на оваа состојба. Се’ уште констатираме дека тоа се главните пречки за странски вложувања. Власта мора да се тргне од бизнисот. Неопходно е заедничко залагање на приватниот сектор и државата, како и обезбедување политичка волја за добро функционирање на институциите – посочи Слаѓана Тасева од „Транспарентност нулта корупција“.
Таа подвлече дека Македонија уште повеќе ќе се смета како подрачје погодно за странски инвестиции кога ќе бидат решени проблемите со честото менување на законите, со стабилноста на договорите и нивната гаранција, со независноста на судството и со транспарентноста во деловните зделки.
Една од констатациите на бизнисмените беше дека на кадарот потребен за стопанството треба уште да се работи, но и во делот на регулативите, процедурите и комуникацијата меѓу јавниот и приватниот сектор.
– Потенцијалот на македонското стопанство лежи во човечкиот фактор. Само низ дебати, кои треба да бидат се’ почести, без притоа да очекуваме Владата да ги отвори, ќе има резултат. Проблеми имаме, но само треба да ги идентификуваме и решиме – рече Блерим Златку, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Според него, иако овој период се работи на подобрување на бизнис-климата, пречки за стопанството има.
– ЕУ-регулативата што почнуваме да ја имплементираме е многу тешка за нашите фирми. Потребно е време на приспособување за да бидеме конкурентни на европскиот пазар – порача Златку.
Министерот за правда Михајло Маневски истакна дека пазарната економија не може да функционира без јак правен систем, кој подразбира стабилни институции, усогласено материјално и процесно законодавство и професионални, добро обучени кадри, систем што обезбедува правна сигурност како предуслов за инвестиции и деловни односи. Според него, Владата има слух за бизнис-заедницата. Постојано и напорно работи на обезбедување сигурност за стопанските субјекти, на создавање претпоставки за подобрување на деловната клима, на јакнење на довербата и сигурноста на инвестициите, на ослободување од нормите и на поедноставување на административните процедури.
Сега, напомена Маневски, се ревидираат околу 160 закони за да се намалат досегашните високи прекршочни санкции за стопанството. Тие наскоро ќе бидат и во собраниска процедура.
– Две-три години работиме на т.н. Регулаторна гилотина, со која се укинаа многу прописи што беа пречка за стопанството, се преиспитуваат околу 160 закони во делот на казнените одредби и прекршоците и се внимава многу на поефикасното завршување на административните постапки – рече министерот.
Тој потсети дека во 2006 година беа евидентирани 5.000 нерешени стечајни предмети, а сега, на крајот од 2009, овој број е 80 отсто намален и изнесува околу 1.000.
Учесниците на конференцијата заклучија дека освен со последиците од глобалната криза, македонската економија се соочува и со уште еден предизвик – политичките случувања во регионот и нашите заложби за евро-атлантско интегрирање.
ёизвор: Дневник