20.04.2010 Кога ќе ги прашате политичките партии од каде ги добиваат парите е исто како на ѓаволот да му покажете крст. Едноставно, за парите никој не сака да зборува.
“Ова прашање секогаш било проблематично”, вели претседателката на невладината “Транспарентност- нулта корупција”, Слаѓана Тасева.
Особено е проблематично за политичките партии да ги дадат информациите за своите донори. “Од тоа кој, кого и како финансира, најчесто може да се носат и одредени заклучоци за тоа каква политика ќе се води, пред сè во економското работење затоа што тие луѓе кои ги поддржуваат партиите најчесто добиваат одредени погодности. Тоа сè уште се прашања со коишто нашите политичари и политичките партии не се подготвени да се соочат”, објаснува Тасева.
А, Законот за финансирање на политичките партии е јасен и вели дека финансирањето на партиите се врши транспарентно, со целосен увид од страна на граѓаните. Значи, не само членството, туку и секој има право да знае чии пари трошат партиите за своите активности. Освен тоа, партиите се должни до 31 март да достават годишен финансиски извештај за претходната година до Државниот завод за ревизија. Нешто што годинава го испочитуваа само три политички партии.
“Демократскиот сојуз, НСДП и Либералната партија доставија извештаи до Заводот. Констатацијата е дека однесувањето на останатите партии е несериозно и недоследно. Можеби станува збор за неажурност на партиите, но ова навистина не е сериозно”, вели Мијалче Дургутов, портпарол на Државниот завод за ревизија.
НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА
Политичките партии законски се обврзани да ги објавуваат финансиските извештаи јавно, меѓу другото, и на своите интернет-страници. Но, обидот да се провери дали партиите го испочитувале законот, станува невозможна мисија. На веб-страниците на двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, може да се најде секој детаљ за партиските активности, различни изјави, пресови, посети, но не и за парите.
Портпаролот на СДСМ, Емилијан Станковиќ, вели дека извештајот за финансиското работење е објавен на веб-страницата на партијата и во “Утрински весник” и дека е испочитувана законската обврска.
“СДСМ се финансира од членарина и буџетски средства во согласност со позитивните законски прописи, Законот за финансирање на политичките партии. Дополнително, најверојатно СДСМ е единствената политичката партија која ја исполни законската обврска и го објави Годишниот финансиски извештај за 2009 г., како на партиската веб-страница, така и во ‘Службен весник’ на РМ и во еден дневен печатен медиум, ‘Утрински весник’. Патем, за разлика од ВМРО ДПМНЕ, посебно во периодот кога владејачката партија беше во опозиција, СДСМ нема блокирана жиро-сметка и води уредна и транспарентна финансиско-книговодствена евиденција”, вели Станковиќ.
На интернет-страницата на ВМРО-ДПМНЕ, пак, не се наоѓа финансискиот извештај, а портпаролот на партијата, Александар Бичиклиски, не одговараше на повиците на “Форум” за да објасни зошто владејачката партија го одмина законот и не достави извештај до ДЗР.
Во финансискиот извештај на најголемата опозициска партија, пак, стои дека минатата година, најмногу пари СДСМ доби од буџетот, потоа од членарина и само околу 1.000 евра од донации. Се разбира, во извештајот не стои кој колку дал за СДСМ.
Практиката во другите држави покажува дека секоја поединечна донација се објавува, се објавува висината на донацијата, како и донорите со име и со презиме.
“Кај нас треба да се востанови иста таква обврска донорите да се објавуваат со име и презиме како што е во светот и тоа да биде редовна практика за ние, како граѓани, да знаеме кој стои зад која политичка партија”, вели Тасева, чија организација постојано повторува дека во основата на нетранспарентното финансирање има простор за коруптивно однесување. Таа додава дека сето тоа е во голема врска со она каде одат парите од буџетот, кој ги добива тендерите, кој ги спроведува кампањите, кој ги добива бизнис-зделките, па дури и какви закони се носат.
Парите го вртат светот, ама и партиите. Законски гледано, партиите треба да водат и регистар на донации во кој ќе биде запишано името, односно називот на секој донатор поединечно; видот и вредноста на донацијата и датумот кога е добиена. Ваков регистар што партиите треба јавно да го објавуваат, никој ниту видел, ниту, пак, некоја партија до сега ги објавила имињата на донорите, сеедно што низ градот е јавна тајна кој бизнисмен подарувал на партиите.
Проблемот е што нема вистински податоци како се финансираат партиите и затоа сè погласни се тврдењата дека она што е објавено во ивештаите или на веб-страниците не е реалната финансиска состојба.
КАЗНИ
Тогаш зошто се толерира ваквото однесување на партиите иако законот е прецизен и за негово непочитување следуваат казни. Тасева го лоцира проблемот во санкциите. “Ние имаме на хартија закони кои многу убаво изгледаат на хартија и изгледаат како да можат да дадат некаков ефект. Во еден извештај кој неодамна е напишан за Македонија се вели дека санкциите се ‘страшило на хартија’ затоа што во реалноста немаат никаква сила”, објаснува Тасева.
И сега повторно се актуелизира стариот проблем на кој постојано предупредува и Брисел дека не е важно законите само да се донесат, туку да се создадат услови за нивно спроведување. За тоа, пак, е клучна политичката волја. Кај партите, без разлика дали се власт или во опозиција, не постои ни минимална политичка волја за поголема транспарентност во однос на финансирањето.
Со зборовите на Тасева, посебно во оваа област партиите се обединети, иако има традиционални донори на партиите, субјекти кои даваат во сите кошници по малку за да си ги заштитат своите интереси.
Принципот “на ти го – дај ми го” веќе е редовна практика во политичкото функционирање, кое сепак, најмногу доаѓа до израз во предизборните кампањи каде што се слеваат огромни суми кои немаат никаква врска со реално прикажаните вредности. На пример, во извештаите на ДЗР од 2006 г., а кои се однесуваат на финансирањето на изборната кампања на локалните избори од 2005 г., и кај СДСМ и кај ВМРО-ДПМНЕ е регистрирано пречекорување на дозволените цифри. Ревизорите констатирале дека средствата потрошени за кампањата на политичката партија го надминуваат износот прикажан во финансиските извештаи. За ова никој не одговараше.
Народски кажано, тоа е нешто како село без кучиња. Никој не ги зема предвид меѓународните препораки и укажувања, а уште помалку оценките на државната ревизија. Па додека кучињата лаат, карванот си врви.
Извор : Форум