18.05.2010 Економски промотор, кој е платен да привлекува странски инвестиции, наместо за државата си работел за своја приватна фирма, е најматен настан за април.
Вака одлучија 17 уредници на електронските и печатените медиуми, кои учествуваа во анкетата Бистро – Матно на Новинската агенција Макфакс и на невладина организација „Транспарентност нулта корупција".
Десет негативни гласа доби промоторот Филип Петков, кој во САД си основал фирма во исто време кога владата го пратила да привлекува странски инвестиции.
Економските експерти тврдат дека секој претставник на државата, треба да го стави сопствениот бизнис во мирување, за да се избегне евентуалниот конфликт на интереси во двојната функција на македонските дипломати.
Втор во изборот на матни настани со пет гласа е најавата дека ревизорските извештаи за работата на државните институции и министерства може да останат само на хартија, без евентуално да се процесираат пред надлежните судови, доколку се појави потреба.
Акцијата „Метастаза“ во која полицијата приведе повеќе од 30 лица осомничени за криминални активности околу издавање одлуки за добивање инвалидски пензии, и направи претреси во повеќе објекти, доби 15 бистри гласа.
Според досега документираните оперативни сознанија и информации за криминални дејствија и малверзации при доделување на инвалидски пензии, осомничени се 37 лица, кои делувајќи како организирана група односно злосторничко здружение, се товарат дека ја злоупотребувале службената положба и фалсификувале исправи.
На второ место на оваа листа со пет гласа се најде преиспитувањето на проектот „Сончев град“ од страна на Уставниот суд.
Постојат сомневања дека Урбанистичкиот план за изградба на локалитетот во општина Сопиште е донесен на не транспарентен, незаконски начин.
Месечната анкетата „Бистро-Матно" агенцијата Макфакс и „Транспарентност нулта корупција" ја организираат од 2004 година.
Во анкетата за јануари учествуваа главните уредници на телевизиите: А1, Алсат, Алфа, Наша ТВ, Телма, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Време, Дневник, Лајм, Нова Македонија и Утрински весник, неделниците Глобус, Фокус, Форум и Капитал.