02.06.2010 Поради огромните економски штети кои ги предизвикува корупцијата, експертите советуваат подигање на свеста кај компаниите за штетите од корупција, но и искористување на новата генерација иновативни алатки за зајакнување на регулаторните капацитети на институциите.
Назадуваат активностите за подигање на свеста на бизнис-секторот за потребата од справување со корупцијата. Нивото на деловната култура кај македонските компании се уште е ниско и се јавува како ограничувачки фактор кој го спречува напредокот за посилен корпоративен интегритет. Бизнисот треба да сфати ризиците од корупцијата почнуваат со најмалиот поткуп и понатаму се шират со застрашувачка брзина. Корупцијата е глобален феномен кој што му штети на бизнисот и со него треба да се справуваат сите, од најмалите трговци до мултинационалните корпорации, беа главните препораки од конференција “Корпоративни бизнис принципи и предизвиците на глобалната корупција“, во организација на Транспарентност – нулта корупција (ТНК).
Според Гро Скарен Фистро, специјален советник на Транспаренси Интернешнл во Норвешка, корупцијата е закана за компаниите и општеството во сите земји. “Корупцијата им штети и на компаниите и на вработените. Таа ги уништува деловните односи и го намалува економскиот раст. Компаниите кои имаат проблем со корупција тешко може да привлечат странски инвестиции во земјата“, изјави Фистро. Таа смета дека проблемот лежи во недостигот на деловната култура, недоволната транспарентност на компаниите и недостигот од програми и обуки на вработените за справување со корупцијата.
“Многу компании немаат деловна култура. Затоа тие поткупот го сфаќаат како единствена можност да го направат својот бизнис успешен. Колку е посериозен бизнисот, толку е поголем и поткупот“ посочува Фистро. Таа предлага компаниите да си направат детална програма, која освен што ќе нуди обука за своите вработени, ќе има и санкциони одредби за сите оние кои примиле поткуп. Борбата со корупција треба да започне од врвот на компанијата, тврди таа.
Цветан Мојсов, член на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), пак, проблемот со големата корупција во приватниот сектор го лоцира во сиромашната законска рамка. “Во Законот за спречување корупција само два члена од Законот ги третираат приватните компании во борбата против корупцијата“, посочи Мојсов. Ограничувачки фактор е исто така што ДКСК нема увид во завршните сметки, бидејќи овие извештаи на приватните компании ги доставуваат само до Централниот регистар и Управата за јавни приходи“ додаде Мојсов. Нетранспарентноста, според Мојсов, е уште еден голем проблем во приватниот сектор. “Врз основа на заклучоците од работата на ДКСК е забележана недоволна транспарентност за доделување на концесии на државно и локално нив, како неповолно деловно опкружување и високо учество на сивата економија“, рече Мојсов. Затоа тој смета дека треба уште многу да се работи на деловниот морал во приватниот сектор, а деловниот морал, истакна тој, во прв ред значи почитување на законските одредби.
Освен корупцијата, според Слаѓана Тасева, претседател на ТНК, непотизмот е уште едно прашање кое треба да се обрне значително внимание “Непотизмот и корупцијата ја поткопуваат конкуренцијата, правичните цени и ефикасноста на приватниот сектор на светско ниво“ истакна Тасева.
Глобалниот извештај за корупцијата ја рангира Македонија на 71 место во светот. Според Извештајот за корупцијата во 2009, подготвен од Транспаренси Интернешнл, нивото и опсегот на поткупот во бизнисот се запрепастувачки. На речиси два од пет директори им бил побаран поткуп во контактите со јавните институции. Половина од нив процениле дека митото ја зголемува цената на проектот за најмалку 10%. Еден од секои петмина тврдел дека го губи бизнисот поради поткупот што го плаќала конкуренцијата. Корумпираните политичари и државни службеници во земјите во развој, пак, примаат поткуп меѓу 20 и 40 милијарди долари годишно, што е 20 до 40% од официјалната помош за развој.
Извор: Капитал