– Во последно време и во текот на минатата година добро е познато дека буџетот на Комисијата е оскуден. Намалени се средствата со кои располагавме, а кои ни се неопходни. Со Законот за спречување на корупцијата Комисијата има многу големи надлежности. Се бараат експертски мислења кога ни требаат подетални информации, работиме по предмети, судир на интереси, даваме мислења за закони, а сето тоа бара реални буџетски средства за да можеме да работиме ефикасно, но и да се инвестира во подобрување на капацитетите на самата институција – вели Селами
Тој појасни дека со ребалансот се скратени и средствата кои се предвидени и за плати на членовите на Комисијата.
– Имаме средства за исплаќање плати до септември, а потоа како мислат да го средат тоа, не сме информирани – рече Селами.
Тој истакнува дека Државната комисија за спречување на корупцијата навремено реагирала до Министерството за финансии и подготвила амандмани кои се во собраниска процедура за оваа ситуација да се реши, но не добиле повратна информација од надлежните.
Според стручњаците, ваквите ситуации може да се толкуваат како владин притисок врз институцијата што се справува со корупцијата, особено по последните настани откако и по препораката на Комисијата не беше сменет Ване Цветанов, директор на Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Според Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспарентност – нулта корупција“, практиката на меѓународен план покажала дека секогаш кога сака да се маргинализира една ваква институција се оди на намалување на буџетот и на намалување на можностите за активности и поголеми резултати во работата.
Пред десетина дена европски дипломатски извори оценија дека Македонија има сериозен застој во реформите. Евроамбасадорот Ерван Фуере информираше дека ова му било пренесено и на премиерот Никола Груевски.
– Премиерот дал уверување на еврокомесарот за проширување Стефан Филе дека до состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација на 20 јули ќе направи големи напори за резултати во критичните реформи, судството, политичкиот дијалог, борбата со корупцијата – изјави тогаш Фуере.
Предметите немаат судски епилог
Предметите што ги отвора Државната комисија за спречување на корупцијата тешко се процесуираат, а уште потешко добиваат судски епилог, изјави вчера Селами. Според него, судските епилози се најдобра превентивна мерка и алатка за тие што во иднина мислат да влезат во коруптивни дејства.
– Во Македонија треба да сфатиме дека брзото процесуирање на случаите на организиран криминал и корупција е основно мото на секоја демократска држава која мисли да ги штити правата на граѓаните – рече тој.
На новинарско прашање дали има политичка волја за борба со корупцијата и организираниот криминал, претседателот на Комисијата порача дека политичката волја, освен декларативна, треба да биде реална и практична. Селами вели дека не може се да остане на помпезни полициски акции, туку дека борбата со корупцијата и организираниот криминал треба да биде рутинска и постојана.
Извор: Време