Според Комисијата, кумулација на повеќе функции има кај директорот на МЕПСО, Владимир Здравев, кој во исто време е советник во Советот на општина Центар, а неговиот колега од Советот, Владимир Бахчовановски, е директор и на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Од Комисијата пред повеќе од еден месец побараа и разрешување на директорот на Управата за спречување на перење пари и финансирање тероризам, Ване Цветанов, поради злоупотреба на функцијата.
Но, Владата го игнорира барањето од Комисијата, а Цветанов вели дека не чувствува одговорност во врска со барањето за негово разрешување.
– Мирна ми е совеста како што кажав и порано. Апсолутно сум на страната на правдата. Мене ме назначи Владата и јас ја почитувам – вели Цветанов.
Тој истакна дека не му паѓа на памет да поднесе оставка, но одби да каже дали имал средба со премиерот Никола Груевски откако Антикорупциската комисија поднесе иницијатива за негова смена од функцијата директор затоа што во Управата вработил дваесетина лица без одобрение на Министерството за финансии.
И Владимир Здравев одбива да ја почитува препораката на комисијата, а Бахчовановски се уште не се изјаснил. Сите тие се уште си ги вршат своите функции.
Илми Селами, претседател на Комисијата, вели дека е незадоволен од однесувањето на институциите кон работата на антикорупционерите. Според него, борбата со корупцијата што ја води владејачката гарнитура е само декларативна.
– Политичката волја се мери со карактеристиките, не е доволно само да кажеме дека имаме политичка волја за борба со корупцијата и тоа да остане само на кажаното, туку кога, конечно, институциите ќе профункционираат реално во борбата со корупцијата, тоа, всушност, е политичката волја – изјави Селами.
Тој вели дека за нив случајот со Цветанов е завршен и чекаат Владата да си ја заврши работата, а на денешната седница повторно ќе расправаат за случајот на Здравев, кој писмено ги известил дека не ја прифаќа нивната препорака затоа што смета дека кај него нема судир на интереси.
– Здравев не извести дека не е во состојба на судир на интереси. Комисијата кога изрекува мерки во други држави, за нив не се ни разговара. Но, ние мора да се убедуваме со Здравев. Јас му се јавив и му објаснив, но тој не прифати. Останува на Владата да го разреши од директорската функција во МЕПСО затоа што во Советот на Центар е избран од народот, а не е назначен – објаснува Селами.
Според поранешната претседателка на Комисијата, Слаѓана Тасева, тоа е доказ дека Владата само декларативно се бори со корупцијата, а всушност ја поддржува.
– Антикорупциска може само да даде препорака и понатаму на потег е Владата. Тие можат само да ја потсетат Владата да се изјасни дали има намера нешто да преземе. Но, загрижува начинот на кој се однесуваат институциите. Владата не смее да ја игнорира Комисијата. Ако сметаат дека не треба да постои, нека ја укинат и нека кажат зошто го прават тоа. Главното прашање е зошто Владата игнорира ситуација кога е докажано нечие незаконско работење – вели Тасева.
И Вања Михајлова, која беше членка на Комисијата во претходниот состав, вели дека ваквиот однос на Владата е директен доказ дека не постои волја за борба со корупцијата.
– Тоа што Владата не ги почитува препораките на Комисијата е доказ дека не сака да влезе во вистинска борба со корупцијата. Но, Комисијата и јавноста мора да притиснат за ова да се смени – вели Михајлова.
Комисијата најмалку е
зафатена од ребалансот
Министерството за финансии тврди дека буџетот на Државната комисија за спречување корупција не е намален за 100.000 евра, како што тврдеше нејзиниот директор Илми Селами, туку за 55.000 евра.
Во изјава за „Време“, Селами рече дека, поради ребалансот, Комисијата по септември нема да може да ги исплаќа платите на своите вработени. Министерството за финансии во допис до „Време“ тврди дека тоа не е точно. Во соопштението се вели дека за тоа сведочи и писмото од самата Комисија од 6 мај оваа година, во кое се содржани нејзините пресметки за потребните пари за плати на членовите на Комисијата.
„Со 19 проценти кратење на трошоците, оваа институција е една од најмалку засегнатите со ребалансот на буџетот. За споредба, од буџетот на Министерството за финансии се скратени 32 процента“, се вели во соопштението.
Од Министерството посочуваат дека во буџетот на Комисијата најголем удел, речиси 40 проценти, имаат патните трошоци и дневниците на членовите на Комисијата.
Извор: Време