Треба да се утврди дали уплатите се вршени од жиро-сметката на институцијата или од личната сметка на функционерите, велат упатените.
– Плаќањето преку траен налог од нето-платата на вработен во државни институции во јавно претпријатие или во буџетска институција не е против Законот. Префрлањето пари од жиро-сметката на буџетски институции на жиро-сметка на политичка партија е спротивно на Законот за финансирање политички партии. Префрлањето пари од жиро-сметка на буџетска институција на жиро-сметка на политичка партија на име членарина на вработените е незаконски – велат од Државниот завод за ревизија(ДЗР).
Ревизорите и досега констатираа сомнителни фактури меѓу буџетски институции и партии. Вакви трансакции беа објавувани во ревизорските извештаи.
Антикорупциската комисија ќе го разгледа случајот доколку утврди дека има основа.
– Ако институција уплаќа пари на сметка на политичка партија, мора да има назнака за што се парите. Ако ова е точно, влегува во делот на корупција во политиката и ние тука ќе се вклучиме. Доколку грешката е во процедурата со трајните налози, апелирам институциите да ја надминат – вели Илми Селами, претседател на комисијата.
Управата за јави приходи (УЈП) се прогласи ненадлежна да го испита текот на парите. Според нив, ова прашање е поврзано со начинот на кој е регулиран платниот промет, за што е задолжено Министерството за финансии.
Експертите велат дека има моменти за истрага.
– Недозволиво е функционер да плаќа членарина во партијата преку државен орган. Тоа дефинитивно е злоупотреба на службената положба. Не може институциите да се ставаат во функција на партијата на власт. И тој службеник што пополнувал вирмани, наместо да работи што му е работата, е принуден во работното време да собира членарина за владејачката партија – вели Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспарентност нулта корупција“.
Во ВМРО-ДПМНЕ и вчера молчеа за тоа од каде се слеваат пари на нивната сметка.
„Нова Македонија“ објави дека партискиот врв утврдил оти пратеници, директори и други фунционери плаќале членарина преку траен налог од институциите во кои работат. Поради ваквите уплати, на сметката на ВМРО-ДПМНЕ стоело дека парите стигнуваат од институцијата, наместо од функционерите, членови на партијата од таа институција. Тоа е причината поради која директорите пред неколку дена беа повикани на итен состанок во Владата и им било укажано во иднина членарината да ја плаќаат преку лични сметки во банка.
Извор : Нова Македонија