Владата на Австрија во тесна соработка со Канцеларијата за дрога и криминал на ОН (УНОДЦ) и поддржана од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) организира конференција на тема „Од визија до реалност: Нов холистички пристап на борбата против корупцијата“, на која ќе биде промовирана новата Интернационална антикорупциска академија сместена во Лаксембург, Австрија. Конференцијата ќе се одржи денеска и утре во Виена, а ќе ја отвори Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.
Присуство потврдиле околу 800 гости, високи функционери и претставници од меѓународни организации што се бават со антикорупциска проблематика. За член на Академскиот советодавен комитет Тасева е избрана со мандат од 6 години. Деветте члена на овој комитет ги избира осумчлен Управувачки одбор на Академијата. Во изборот на членовите на телата на Академијата не може да учествуваат или да влијаат земјите-членки.
– Поканата ја добив лани есента. Тоа беше големо изненадување, но и чест. Прифатив да бидам член на советодавниот комитет – вели Тасева.
За основањето на Академијата и за потребата од потпишување договор се известени министрите за евроинтеграции, за внатрешни работи и за правда. Но, досега Македонија не го потпишала овој договор.
Академијата ќе биде центар за обука, соработка и академски истражувања во областа на борба против корупцијата користејќи холистички пристап, со уважување на географските и социјални разлики на земјите и на регионите.
Извор: Дневник