Експертите потенцираа дека најтежок облик на корупција е онаа во која се заробени политичките партии. Ако партиите се корумпирани, корумпирана е и самата држава, со што се загрозува процесот на носење важни државни одлуки. Тие сметаат дека на Македонија и’ претстои голема опасност зашто партиите не ги почитуваат одредбите од Изборниот и од Законот за финансирањето на политичките партии.
– Партиите, иако се обврзани, не доставуваат редовни годишни финансиски извештаи до Заводот за ревизија. На нивните веб-страници тешко се доаѓа до информации за изворот на парите. Уште потешко можат да се добијат некакви податоци од партиските сметки за време на изборни кампањи кога има голем број на донации – вели Слаѓана Тасева, претседател на „Транспарентност – Нулта корупција“.
Таа објаснува дека кога донаторите на партиите се непознати, се создаваат должничко-доверителски односи, кои подоцна влијаат врз целата политика во државата.
– Мора да се стави ред и да се обезбеди апсолутна транспарентност во донирањето на средствата за изборните кампањи, но и да се обезбедат одредени санкции за непочитувачите. Најригорозна, односно најефективна санкција за непочитување на прописите за финансирање на партиите би била забрана за учество на некои од наредните избори -вели Тасева, потенцирајќи дека е потребно и попрецизно утврдување на тоа која институција ќе биде одговорна за изрекување на евентуалната санкција.
И странските експерти се согласуваат дека најважно средство и основа за борба против ваквиот вид корупција е транспарентното финансирање на политичките партии.
– Јавноста мора да знае од каде им потекнува секој денар на политичките партии, односно да се знае со кого партиите соработуваат и кои се нивните донатори. Доколку има непознати донатори и финансиери, тогаш се создаваат идеални и бескрајни можности за злоупотреба. Државата што не знае колку пари имаат политичките партии, како ги обезбедуваат и како ги трошат се наоѓа во голема опасност – изјави Дражен Бошњаковиќ, министер за правда на Република Хрватска.
Тој вели дека хрватскиот закон за финансирањето на политичките партии предвидува голема транспарентност.
– Политичките партии се обврзани да го објават извештајот за финансирање на политичката партија на својата веб-страница и тоа што е најважно – нема и не смее да има непознати донатори на средства. Секој што уплатил на сметката на политичката партија мора да го има во тој извештај со полно име, без оглед на тоа дали донирал една куна или милиони – објаснува Бошњаковиќ.
Тој нагласува дека наскоро се планираат и измени на овој закон, со кои ќе воведат дополнителни мерки за поголема транспарентност на финансирањето на предизборните кампањи и ќе се ограничат средствата што една политичка партија ќе може да ги потроши за време на избори.
Извор: Дневник