22.10.2010 Корупцијата и понатаму е многу раширена на просторот на Западниот Балкан. И покрај напредокот што го направиле одделни земји во сузбивање на оваа појава, пред се со воспоставување на адекватни институции и усвојување антикоруптивни закони, се стекнува впечаток дека основна пречка е недостатокот на политичка волја да им се овозможи на тие институции, непречена работа и спроведување на законите во секојдневниот живот.
Ова беше заклучено на регионалната конференција „Улогата на невладините организации во борбата против корупцијата – искуства и перспективи “, што се одржа во Белград на 19 Октомври.
Слаѓана Тасева од Транспарентност нулта корупција истакна дека Србија и Македонија се приближно на исто ниво кога станува збор за индексот на перцепција на корупцијата, и дека резултатите од истражувањето не се вистински одраз на состојбите со оглед на она што се случува во државата на планот на борбата против корупцијата.
„Критични сме и велиме дека сме подобро позиционирани во однос на вистинската состојба во државата“, рече Тасева и додаде дека резултатите не го одразуваат секојдневниот живот и состојбите со кои се соочуваат граѓаните.
Професор Владимир Гоати – претседател на Транспарентност Србија истакна дека се направени придвижувања во многу сегменти и важно е дека граѓаните почнале да мислат за термините за борбата против корупцијата. Политичките партии се генератори на моќ кои влијаат на корупцијата рече Гоати и оцени дека „државата посебно претседателот на Србија Борис Тадиќ вербално се пресметува со корупцијата, но дека тоа не е доволно“.
На собирот беа претставени резултатите од меѓународно истражување за достапноста и квалитетот на буџетските информации, според кое Србија, на листата од 94 земји, се вбројува во средни категории на држави кои „даваат некои информации за буџетот, но во недоволна мерка, тој биде разбран и извршната власт да биде ставена на постојани проверки“.
Индексот „отвореност“ на буџетот го направи Меѓународно буџетско партнерство од Вашингтон, заедно со партнерските организации во 94 земји.
На листата од 94 земји, Србија го дели 36 место со Гана, со вкупно 54 од можни 100 поени. Од соседните земји, за нијанса подобар резултат од Србија имаат Романија (59), Хрватска (59) и Бугарија (57), а полошо се пласирани Македонија, со резултат (49), БИХ (44) и Албанија (33).
На врвот на листата со повеќе од 80 поени, се наоѓа Јужноафриканската Република, Нов Зеланд, Англија, Франција, Шведска и САД.
На регионалната конференција посебно беше нагласено дека во борбата против корупцијата е потребно поголемо ангажирање на цивилниот сектор.
На конференцијата во Белград ушествуваа претставници на ограноците на Транспарентност од Западен Балкан и Transparency International. Konferencijata финансиски беше поддржана од канцеларијата на УНДП Србија.