Според оваа оцена, на судовите не им недостасува ни кадар ни доволна специјализација за да се справат со вакви предмети на корупција од голем формат, сугерирајќи, практично, дека за завршување на тие случаи или немало основа или нема волја да се донесат до крај. Како сериозна пречка за справување со корупцијата се наведува и одлуката да се суспендираат пет судии од вкупно деветте во Апелациониот суд , така што нивната мисија според ЕУ станува невозможна. „Никој не сака да биде суден од судија под закана ниту, пак, таков судија може да изрекува пресуди во случаи на корупција во кои се замешани високи личности“, оценува Брисел заклучувајќи дека самото чувство дека судиите се под политичка контрола е многу опасна перцепција за јавноста.
Во врвот на корупцијата во Македонија и во овој извештај е финансирањето на политичките партии, иако од разбирливи причини со тоа не се бават ни власта ни опозицијата. Според наодите на Брисел, од 79 политички партии во Македонија годинава само една пријавила донација, а лани исто така, додека помалку од половината (34) ги поднеле обврзувачките финансиски извештаи.
За Брисел оваа состојба е многу загрижувачка, бидејќи покажува дека почитувањето на оваа регулатива е речиси непостојно, а податоците што се пријавуваат не можат да се земат за сигурно. „Никакви санкции не се спроведуваат за кршењето на законската одредба да се доставуваат финансиските извештаи дури и тогаш кога се предвидени, па под овие услови, тешко е да се најдат други причини освен недостигот од политичка волја да се применат, смета Брисел.
Извор: Утрински весник