Многу пари во партиите се свртеле лани. ВМРО-ДПМНЕ иако потрошила 3,5 милиони евра за изборната кампања на Ѓорге Иванов, на партиската сметка имала и дополнителни 660.000 евра. Оваа партија само пред шест години имала буџет од само 3.900 евра. Но не е само власта онаа што неколкукратно го зголемила партискиот буџет.
Слична е ситуацијата и со опозициската СДСМ. Партијата на Бранко Црвенковски, за претседателската кампања на Љубомир Фрчкоски добила приходи од 1,4 милион евра, а дополнително лани за партиски потреби располагала со 411.000 евра.
Но ова не се единствените партиски пари. Иако пет институции се задолжени да ги контролираат партиските сметки, никој во државата нема информации со колку точно пари располагаат политичките субјекти. За јавноста сé уште не се отворени деталните извештаи за најголемите донатори и за имотите со кои располагаат партиите. Партиите, велат аналитичарите, имаат повеќе пари од тоа што прикажуваат, а тоа се покажува преку нивните трошоци. Според пиар-агенциите во телевизиските реклами, огласите во весници, билбордите, митинзите и најмувањето естрадни уметници се вртат најмалку пет милиони евра партиски пари.
Иако 660 илјади евра на ВМРО-ДПМНЕ и 411 илјади евра на СДСМ звучат како голем буџет во споредба со реалниот трошок од пет милиони евра, тоа е навистина малку. Од каде им се тогаш парите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во последниве четири години во кои се во непрекинати рекламни кампањи?
КРУГОТ НА ПАРИТЕ И МОЌТА
Познавачите велат дека македонските партии имаат неколку разработени шеми по кои успеваат ем да добијат пари ем тоа да не биде прикажано во нивните финансиски извештаи. Се почнува од фирми кои ги основале луѓе од партија додека биле на власт или, пак, луѓе што се во некој бизнис, а идеолошки се блиски на партијата. Тие имаат обврска да донираат во партијата минимални средства за нејзино одржување кога таа ќе биде во опозиција. Овие „блиски“ фирми често во нивно име, а за сметка на партијата ги плаќаат нејзините долгови кон трети лица. На ваков начин најчесто се плаќа киријата за партиските простории, мобилни телефони, Интернет, гориво за партиските возила… Бенефитот на овие фирми е тоа што кога нивната партија ќе дојде на власт очекува некаква возвратна корист од која ќе ги поврати парите што ги вложила, но и ќе остварат дополнителен профит. Оние што се трудат да го следат патот на парите кои од бизнисот се слеваат во политиката велат дека на овој начин функционираат помалите партии, како што се Либералната партија, ВМРО-народна партија, Либерално-демократската партија, како и сите партии од албанскиот блок: ДУИ, ДПА и Нова демократија. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат свои лојални фирми и бизнисмени, но тие не се главен извор на парите во партиските сметки. Инвестирањето од идеолошка природа, според политиколозите, било типично за деведесеттите години.
Од изборите во 2002 година финансирањето на политичките партии добива друг правец. Тајкуните и новопечени бизнисмени не сакаат ризик – не инвестираат во партија, ако за тоа не добијат бенефит. И антикорупционерите и политиколозите се согласни дека од 2002 година наваму големите бизнисмени вложуваат речиси подеднакво и во левицата и во десницата.
– Често се случува финансиските магнати пред избори да ги финансираат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ што е релативно сигурна инвестиција, бидејќи една од нив секако ќе дојде на власт, а со тоа ќе ги остварат и своите интереси. Тоа е причината поради која финансиерите се скриени од јавноста. Најчесто финансирањето не е од идеолошки причини, туку од бизнис-интереси. Ова е полето на кое и опозицијата и власта се во заемна коалиција и консензус – вели Здравко Савевски, професор по политички партии.
– Не може да говориме за имиња, но финансиерите можеме да ги препознаеме во сите оние луѓе – бизнисмени што последниве 20 години стекнаа огромно богатство, иако во последните години на реал-комунизмот беа граѓани од т.н. средна класа. И тие се многу вешти во тоа што го прават – коментира Илми Селами, од комисијата за спречување на корупцијата.
Вклучените во борбата против политичката корупција велат дека банките и финансиските институции, иако по свои канали стигнуваат до политичарите, никогаш директно не вложуваат во политиката.
Но во финансиските извештаи на партиите не е содржано ниту едно име на поголема фирма која инвестирала во македонска партија. Напротив, парите од донации на фирми за време на изборната кампања се сведуваат на неколку илјади евра. Така, според финансискиот извештај, во касата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2009 година влегле само 2.000 евра (наспроти 670 илјади евра кои влегле како донација од граѓани). СДСМ по оваа основа прикажала дека во партијата стигнале само 6.000 евра (наспроти 37.400 евра од граѓани).
Прашање што го наметнуваат аналитичарите е како партиите ги плаќаат милионските суми за телевизиски реклами, билборди, секојдневни активности, кога граѓанските донации се сведени на минимум во време кога нема изборна кампања?
Најголем сојузник на партиите и фирмите во овој дел се медиумите. И антикорупционерите и ревизорите за предвремените парламентарни избори во 2008 година и локалните и претседателски избори во 2009 година посочија дека најголеми донатори на изборните кампањи биле телевизиските куќи. Донацијата била направена на тој начин што медиумите дале огромни попусти (некаде дури и до 98 проценти) за партиското рекламирање. Остатокот од цената што треба да ја плати партијата, а што ретко се докажува во законската постапка, ја плаќа фирмата-донатор и тоа како плаќање за сопствена реклама. На овој начин партиите добиле пари, иако тие никогаш ниту влегле ниту излегле од партиската сметка.
– Политичката корупција е главен генератор на севкупната корупција во општеството. Ако на партијата и требаат пари и тоа многу брзо, тогаш нормално е да добие „валкани“ пари од фирмите, кои за таквата услуга очекуваат некаков бенефит, финансиски интерес кога таа ќе биде на власт. Партијата, пак, финансискиот интерес на фирмата не би можела да го оствари на некој законски начин и така се влегува во еден круг.
Впрочем, политиката зависи од новопечените тајкуни што инвестираат во неа, но и обратно, таа располага со моќ која на тајкунот ќе му овозможи профит, со кој таа вечно го врзува за неа – вели првиот антикорупционер.
ПАРТИСКИ И ИЗБОРНИ СМЕТКИ
Најголемата корупција со партиските пари се случува за време на изборните кампањи. Изборниот законик воведува нови решенија за тоа како партиите смеат да ги прибираат, но и да ги трошат парите за време на изборната кампања. Најголемо поместување е тоа што фирмите наместо 20 илјади евра, за време на избори ќе можат да донираат и до пет проценти од својот приход. Министерството за правда проценило дека на овој начин фирмите нема да бидат мотивирани да ги кријат парите што ги вложуваат во политиката, туку тоа ќе го прават јавно.
Според сегашното решение, партиите 33 дена пред изборите се должни да отворат посебна сметка од која ќе ја финансираат изборната кампања и таа е сметката на која се врши контрола од страна на државните органи.
– Но она што реално се случува е дека донациите за изборите партиите ги добиваат многу порано, и тоа на партиската сметка, а потоа парите ги префрлаат на посебно отворената смета за избори. Затоа е потребно да се прави увид на двете сметки, односно на целото финансиско работење на партиите, и тоа шест месеци пред избори – забележува Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација „Мост“.
И од ДИК имаат забелешки во однос на финансирањето на партиите за време на кампања и бараат точно да се одреди институцијата што ќе биде надлежна да ја контролира нивната финансиска активност.
– Кој ќе ја поднесува пријавата за незаконско финансирање, бидејќи се споменуваат повеќе институции: ДИК, антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија – прашува Новаковски.
Од антикорупциската комисија, пак, велат дека подготвуваат цел список на мерки кои би требале да бидат вметнати во изборниот законик. Селами смета дека рецептот е во најстроги санкции за партиите што ги кријат своите извори на финансии, како на пример, забрана за учество на избори или, пак, времено исклучување на партијата од политичката сцена.
Според Законот за финансирање, партиите се должни да подготвуваат квартални извештаи за донациите, како и годишни финансиски извештаи и завршни сметки, кои треба да се објават на партиските веб-страници и во дневниот печат и да се достават до Министерството за финансии, Државниот завод за ревизија, Управата за јавни приходи и до Централниот регистар.
Според Државниот завод за ревизија, обврската да достават годишни финансиски извештаи за 2009 година до крајот на март оваа година, од 80 регистрирани партии, ја исполниле само 11. Меѓу нив ги нема четирите најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Евиденцијата на ДЗР, покажува дека четирите најголеми партии последен пат отчетност пред државните ревизори дале во 2006 година и тоа за финансиското работење во 2004, како и за парламентарни избори во 2008 година и претседателските и локалните избори во 2009 година. Ревизорите тврдат дека ниту една од овие партии нема поднесено извештај за тоа колку пари влегле и излегле од нивните партиски сметки во текот на 2009 година, иако таа обврска требаше да ја завршат уште во март. За пречекорување на рокот за доставување на финансиските извештаи Законот предвидува казни од 4.000 до 5.000 евра за политичка партија и до 1.500 евра за одговорно лице во партијата.
Наспроти ова, генералните секретари на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Мартин Протоѓер и Андреј Петров, тврдат дека партиите навреме изготвиле и испратиле финансиски извештаи до надлежните. Финансиските извештаи за 2009 година на овие две партии се јавно достапни на нивните веб-страници. Се работи за едноставни финансиски извештаи со приходи и расходи без многу детали.
Според УЈП, во Скопје се регистрирани 79 партии, од кои 34 поднеле извештаи за 2009 година. Партиите не доставиле списоци на донатори за оваа година, освен Либералната партија на Македонија за 2010 година. Во Тетово, од девет регистрирани партии, ниту една не поднела тримесечен извештај за донации, а само ДПА доставила годишен извештај. Две партии регистрирани во Битола, исто така, не ги исполниле обврските од Законот за финансирање на политичките партии.
Нетранспарентноста на партиските сметки, криењето на најголемите инвеститори во македонската политика и неказнувањето на политичките субјекти беа забелешките и во годинешниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите.
Како ГРЕКО гледа на финансирањето на партиите?
Според ГРЕКО, во Македонија е констатирана обемна регулатива, но без ниту еден единствен голем случај за партија или кандидат обвинет или казнет за прекршување на одредбите за политичко финансирање. Проблемот со спроведувањето на регулативата е и поради големиот број надзорни тела што го контролираат политичкото финансирање, поради што се разводнува нивна компетенција. Тоа, пак, доведува до неефикасен систем на надворешна супервизија:
• Се препорачува поголема транспарентноста во финансирањето на политичките партии. Тоа значи воведување јасни одредби со кои ќе се утврди почетокот на изборната кампања, но и обврска за подготвување финансиски извештаи во овој период. Се препорачува и дополнување на Изборниот закон, со цел да се осигура дека услугите доделени на организаторите на изборната кампања по намалени цени се соодветно идентификувани и оправдани по пазарна вредност.
• Потребна е поголема транспарентност на сметките и на активностите на лица директно или индиректно поврзани со политичките партии или други под нивна контрола.
• Во делот на супервизијата на политичкото финансирање да се обезбеди главно независно тело што ќе биде помагано од други надлежни органи и кое доследно и на терен ќе ги спроведува санкциите за прекршување на правилата
(ГРЕКО е група на земји од Советот на Европа, кои се вклучени во борба против корупцијата. Последните забелешки оваа меѓународна организација ги достави на крајот од август, а препораките даде рок да се реализираат до крајот на септември наредната година)
Извор: Нова Македонија