10.12.2010 По повод Светскиот ден за борба против корупцијата – 9 декември, "Транспарентност – Нулта корупција" во соработка со Стопанската Комора на Македонија и Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија, во рамките на активностите за имплементација на Декларацијата Нула толеранција за корупцијата, традиционално по четврти пат доделија сертификати на компании со добро корпоративно управување во 2010 година.
На свеченото доделување сертификати проф.д-р. Слаѓана Тасева претседател на Транспарентност нулта корупција, потенцира дека оваа иницијатива на Стопанските комори на Македонија и Транспарентност нулта корупција заслужува силно внимание како од деловниот така и од институциите на државата чија задача е промоција на деловното работење, привлекување странски инвестиции и деловна соработка во странство. Во таа насока потенцира Тасева за да им се помогне на компаниите во дизајнирањето и имплементација на ефективни политики за борба против корупцијата Транспаренси Интернешнал и Меѓународната организација за општествена одговорност во 2003 година ги здружија силите за лансирање на Деловните принципи за борба против поткупот. Со нивното воведување компаниите и истражувачите, сега гледаат на нив како на одредница.
Актуелните истражувања смета Тасева посочуваат дека иако компаниите усвојуваат политики за борба против корупцијата, нивна целосна примена и понатаму останува процес па затоа, препорача, Тасева секое претпријатие да развие сопствена програма која што е јасна и во која се артикулирани вредностите на компанијата, политиките и процедурите за спречување на корупцијата и поткупот во сите активности што се под негова контрола.
Бранко Азески претседател на Стопанската комора на Македонија, укажа дека борбата против корупцијата е меѓу приоритетните прашања кои треба да ги решиме а на тоа упатуваат и забелешките на Европската Унија во последниот извештај. Тоа е долга и макотрпна работа која бара целосен ангажман и системски третман од сите надлежни органи како и од бизнис заедницата. За таа цел, со промовирање на фирми со добро корпоративно управување сакаме да ја прошириме свеста за спречување на корупцијата до поголем број наши членки и на тој начин да придонесеме за градење подобра бизнис клима во нашата држава. Истовремено со овие активности треба да се пратат сигнали до сите субјекти во земјата и во странство дека имаме добри компании кои работат врз принципот на добро корпоративно управување и се добри партнери за воспоставување бизнис – релации.



