Дали под притисок на барањата на Европа неминовно ќе мора да се интензивира борбата против корупцијата, бидејќи тоа е и еден од најважните услови за приближувањето на овие земји кон ЕУ. Експертите се убедени дека колку земјите се поблиску до оваа цел, толку наближува денот кога мора да дојде до конечна пресметка. Доаѓа времето кога треба да им се стави крај на политичките договори за ненапаѓање и за амнестија од криминал и кривично гонење.
Поранешниот словенечки премиер, Јанеш Јанша, беше обвинет дека примал мито при склучувањето на најголемиот договор во историјата на Министерството за одбрана. Според обвинението поднесено од словенечкото Обвинителство, Јанша при преговорите со финската компанија „Патрија“, за зделка вредна 278 милиони евра, прифатил пари за Словенечката демократска партија.
Хрватска моментно ја тресат бројни корупциски афери. Симболично, на денот кога се одбележуваше светскиот ден во борбата против корупцијата, во „липа наша“ се правеа последните подготовки за задавање на последниот удар. Поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, е притворен за неколку корупциски афери, а под ударот на правдата во последните месеци се најдоа и неколку негови најблиски соработници.
Санадер, кој веќе се нарекува „глава на октоподот“ (ви звучи познато?), се товари за здружување поради извршување казнено дело во случајот „Фими-медија“ и поради злоупотреба на положба и овластување во предметот „ХЕП-Диоки“. Во првиот случај станува збор за извлекување 120 милиони куни од составот на јавните претпријатија со помош на маркетиншки агенции во сопственост на Невенка Јурак, за што е осомничен и Младен Баришиќ, поранешен благајник на ХДЗ, директори на неколку јавни претпријатија и Иво Санадер. Обвинителството се сомнева дека Санадер ја злоупотребил положбата премиер за да го наговори Иван Мравк, поранешен претседател на управата на ХЕП, на незаконско давање заеми од 15 милиони куни на фирмата „Диоки“, која била и најголем должник на ХЕП, а чиј сопственик е пријателот на Санадер, Роберт Јежиќ.
Поранешниот вицепремиер и актуелен министер за економија, Дамир Поланчец, беше осуден на 15 месеци затвор на 15 октомври за вмешаност во аферата „Подравка“. Ако не биде прифатена неговата жалба, тој ќе биде највисок хрватски функционер осуден за корупција. Неговото име се спомнува и во една друга корупциска афера, за која е условно осуден за злоупотреба на службената должност во врска со некој бизнис- договор во неговото родно место.
„Подготвен сум да ја преземам одговорноста за се’ што сум сторил, но не би сакал да ги преземам гревовите на целата влада и на претседателството на ХДЗ“, изјави Поланчец, кој по неколкунеделното пишување на медиумите даде оставка.
И бившиот македонски премиер, Владо Бучковски, е дел од шареното елитно друштво на високи балкански функционери на власта, кои се најдоа на обвинителна клупа. Актуелниот пратеник од редовите на СДСМ се’ уште не ја завршил битката за докажување на својата невиност по македонските судови, бидејќи по укинувањето на пресудата за случајот со резервните делови за армиско оружје процесот е вратен на почеток.
Обвинителството моментно проверува дали има злоупотреба на службената должност и на уште еден бивш премиер. Но, со таа разлика што под лупа на Обвинителството е трошењето на 340.000 евра за интелектуални услуги во аферата „Надеж“, но за времето кога актуелниот шеф на опозицијата, Бранко Црвенковски, бил шеф на државата.
Ситуацијата во Србија и во Босна и Херцеговина е уште полоша. Овие две држави од сите држави од поранешна Југославија се најслабо пласирани на листата на „Транспаренси интернешенел“ во борбата против корупцијата. Србија го зазема 83. место, а Босна и Херцеговина – 99. место и се на дното на балканското скалило.
Во еден радиомост што го организираше Радио Слободна Европа во мај оваа година, со челните луѓе на две институции што се занимаваат со истражувања за корупција во овие земји, беа отворени повеќе дилеми: дали се носат закони по мерка на тајкуните, поради што Мирослав Мишковиќ, најбогатиот тајкун во Србија, е недопирлив, или зошто судските процеси против босанско-херцеговските политичари обвинети за корупција, обично, завршуваат со ослободителна пресуда.
Емир Џикиќ, претседателот на Одборот на директори на „Транспарентност интернешенел“ за Босна и Херцеговина, ќе рече:
„Последните години во БиХ воопшто не се работеше на антикорупциските програми, додека во другите земји од регионот барем се работеше нешто на планот на законодавството. Во нашата земја не постои ни агенција за борба против корупцијата, а судската, законодавната и политичката власт се испреплетени и поврзани. Практично во оваа земја нема никој што е подготвен да се бори со корупцијата“.
Прашана околу тоа зошто најбогатите тајкуни, како што е Мишковиќ, се недопирливи, претседателката на српскиот Совет за борба против корупцијата, Верица Бараќ, ќе го констатира следното.
„Тој навистина прави се’ што одговара на неговите приватни интереси, со тоа што тоа сега е претворено во државна политика, па излегува дека она што е корисно за Мишковиќ е корисно и за државата“, рече тој, дополнувајќи дека не случајно токму тој (Мишковиќ) е еден од главните соговорници на владата за излегување од економската криза.
За првиот човек на македонската „Транспарентност – нулта корупција“, Слаѓана Тасева, не се случајни оцените за регионот за земјите од Балканот и тоа што политичката корупција е во предност пред конвенционалните видови криминал.
„Тоа во голема мера е резултат и на долгата транзиција, но уште повеќе на традицијата за востановување центри на политичка моќ што ја имаат целата контрола врз сите сегменти на општествата“, вели Тасева.
Но, таа е убедена дека она што се случува во Хрватска ќе има рефлексија и на другите земји од регионот.
„Гледавме што се случува во Бугарија, во Словенија, а сега и во Хрватска. Едноставно, нема да може да се продолжи со политичките дилови ’за ненапаѓање‘ и државите ќе мора да почнат да се справуваат со криминалот и со корупцијата“, вели Тасева. Таа посочува на однесувањето на наследничката на Санадер, премиерката Јадранка Косор, која мораше да даде поддршка на она што го прават тамошните органи.
„Македонија не може и да сака да биде надвор од овие процеси и мора да се откаже од селективната правда и од симулирањето борба против корупција. Во таа насока, како некаков знак го гледам и она што се случува со газдата на А1, Велија Рамковски, бидејќи е дојден ден кога власта ќе мора да се откаже од оние што долго време ги штитела“, додава таа.
Извор: Утрински весник