12.04.2011 Иако во Изборниот законик политичките партии сами предложија да се дефинира терминот изборна кампања и кога таа треба да почне, партиите решија да ги заобиколат правилата и кампањата ја почнаа многу порано пред почетокот на изборната трка
Ги усвојуваат законите за да не ги почитуваат. Вака може да се опише однесувањето на партиите што влегоа во изборна кампања, независно што с` уште не се распишани изборите и што до нивното одржување има уште речиси два месеца. Електронските медиуми се преплавени со платени политички програми, во печатените медиуми секојдневно има и по неколку страници реклами, политички пораки веќе осамнуваат на билбордите, постојано има средби со граѓани, трибини…
Партиите и нивните лидери и овој пат решија да не ги почитуваат законите што сами ги предлагаат и усвојуваат. Иако во Изборниот законик сами предложија да се дефинира терминот изборна кампања и кога таа треба да почне, партиите решија да ги заобиколат правилата и кампањата ја почнаа многу порано пред почетокот на изборната трка. Ако во претходните изборни циклуси, партиите се правдаа дека не е прецизно посочено што е изборна кампања и дека рекламите се всушност дел од нивната редовна активност, дека ја рекламираат само партијата, а не конкретните кандидати или ДИК се прогласуваше за ненадлежна за партиските активности надвор од изборниот роковник, овој пат главен аргумент за порано почнатата кампања ќе биде тоа што до распишувањето на изборите формално-правно не се знае кој е нејзиниот организатор.
Експертите предупредуваат дека нема законска основа по која би можело на партиите да им се забрани предизборно рекламирање во овој период. Тоа, велат упатените, е вакуум, кој намерно или не, партиите дозволиле да не биде регулиран.
Нерешено остана и барањето на лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски да се донесе закон за медиуми со кој еднакво, според определени критериуми, да се распределуваат буџетските пари за јавните кампањи. Со прекинувањето на дијалогот пропадна идејата да се стави ред. Груевски, сепак, најави дека по распишувањето на изборите ќе прекинат сите реклами, кои последниов период ги бомбардираа граѓаните.
Вакуум-простор
Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Новаковски, објаснува дека идејата на прецизирањето на терминот изборна кампања била да се спречат рекламирањата на партиите пред да почне терминот за кампањите. Тој објаснува дека и во новиот Изборен законик не успеале да најдат решение како да ја спречат порано почнатата кампања.
– Организаторот на кампањата е познат откако ќе се распишат изборите, односно откако ќе бидат утврдени листите. Дотогаш има вакуум-простор, партиите што сакаат може да прават, а никој не може да ги санкционира. Значи с` останува на совеста и политичката култура на партиските раководства – вели Новаковски.
Тој потсетува дека за изборите во 2009 година, Државната изборна комисија покренала две прекршочни постапки за предвремена кампања. Едната против Џорџ Атанасовски, кој веднаш ги повлекол рекламите, а другата против СДУ на Лазар Еленовски, која с` уште нема судска разврска.
Со новиот Изборен законик под изборна кампања се смета „јавно собирање и други јавни настани организирани од организаторот на кампањата, јавно истакнување плакати, видеопрезентации на јавни места, изборно, медиумско и интернет-претставување, дистрибуирање печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“. Според законот, официјалната кампања почнува 20 дена пред денот на одржување на изборите.
Медиумска офанзива
Откако премиерот Никола Груевски најави дека ќе има предвремени избори, партиската машинерија со засилени кампањи тргна во освојување гласачи и дискредитирање на противниците. Конгресите што ги одржаа речиси сите партии неколку пати беа репризирани на телевизиите, преку спотови гледачите секој ден добиваат пораки зошто треба или не треба да изберат одредена политичка опција. Секојдневно се одржуваат средби со граѓани и трибини, кои се пренесуваат и надвор од информативните програми. Имуни на кампањата не останаа ниту партиите од власта ниту од опозицијата. Покрај ВМРО-ДПМНЕ, која откако е на власт го наметна принципот на постојано рекламирање, во истата шема влегоа и СДСМ, ЛДП, ОМ, НД, ДОМ, како и партиите од албанскиот блок. Партијата на Лилјана Поповска дури од пред некое време и на билборди во Скопје ја рекламира зелената опција.
Во ДИК потврдуваат дека ова прашање останало нерегулирано и се согласуваат дека партиите на големо тераат изборна кампања пред распишување на изборите.
– Нема начин во овој период да го санкционираме рекламирањето на партиите. Има кампања, но нема како да ја казниме. Изборите с` уште не се распишани, а тоа може да значи дека тие може да бидат и во редовниот термин во 2012 година. Ако законски го регулираме периодот меѓу избори, ќе треба на партиите во тој период да им забраниме да се рекламираат – објаснуваат во ДИК.
Експертите се сомневаат дека партиите и откако ќе бидат распишани изборите, ќе се воздржат од рекламите до изборната кампања. Тоа особено важи за поголемите партии, на кои нема да им биде тешко да платат глоба од 3.000 до 5.000 евра, колку што е казната за предвремена кампања.
И ОДИХР бараше прецизни правила
И за претседателските и за локалните избори во 2009 година посматрачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР забележала дека немањето јасни одредби за тоа што претставува изборна кампања создало забуна во однос на тоа кои политички активности се дозволени пред официјалниот почеток на кампањата.
„Посматрачите забележаа голем број случаи на кампања пред официјалниот почеток на кампањата, вклучувајќи презентација на слогани на дел од претседателските кандидати, одржување јавни презентации на конвенции и истакнување постери. ДИК и Советот за радиодифузија размислуваат за преземање мерки во однос на одржувањето партиски конвенции и нивно покривање од страна на медиумите, но одлучија да не го сторат тоа бидејќи немаа ниту еден приговор“, пишува во Извештајот на ОДИХР.
Во него е наведено дека Владата и тогаш пред распишувањето на изборите почнала скапи кампањи за поддршка на сопствените политички програми. Иако беа прекинати по распишувањето на изборите, опозицијата тврдела дека имаат големо влијание и во текот на кампањата.
Во препораките од ОДИХР е наведено дека Изборниот законик не појаснува кои политички активности се дозволени, а кои не се дозволени пред официјалниот почеток на кампањата.
Извор: Дневник