Побаравме утврдување на фактичката состојба и евентуална индивидуална одговорност на лица што имале обврска да се грижат за законитоста на трошењето на буџетските пари. Очекуваме реакција од Јавното обвинителство, по примерот на европските држави, каде што институциите веднаш започнуваат постапка за проверка. За жал, досега нема многу позитивни искуства за постапување на нашето Јавно обвинителство по иницијативи од други институции, како што е Државната комисија за спречување на корупцијата и по иницијативи од граѓански организации и граѓани. Сепак, одлучивме она што го имаме да го доставиме до јавниот обвинител, а искрено, очекувам дека работите ќе почнат да се менуваат. Нашата анализа е многу детална, што ќе им ја олесни работата на обвинителите. Дополнителна околност што оди во прилог на нашиот и на општиот интерес случајот да добие правна разрешница, е тоа што за овој вид дела Кривичниот законик предвидел високи санкции, а со тоа и долги рокови на застарување.
Овој вид политички изјави и прес-конференции станаа редовен дел од мојот живот. Досега повеќепати се случило некоја политичка опција да прави прес против мене, иако ставот што го пренесувам не е мој личен, туку став на организацијата што ја претставувам. Прв ваква практика воведе пратеникот Кондарко, кој од партиската говорница, а не од собраниската, ми се обраќаше мене лично кога презентирав ставови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Владејачката партија тоа го прави редовно по секоја презентација на нашите наоди, но и во други пригоди кога јавно презентирам ставови, кои не се политички, туку правни.
Корупцијата, по дефиниција, е поврзана со власта, а антикорупциските активности ги засегаат оние што се или биле на власт.
Тоа редовно се политичари што не успеале да не’ убедат ниту нас ниту граѓаните дека дејствувале во согласност со јавниот интерес. Наместо да дадат објаснување со аргументи, тие ја дискредитираат личноста што ја презентира дадената ситуација. Ова се прави со цел да се намали довербата на граѓаните во интегритетот на личноста. За среќа, веќе никој не верува во тоа дека јас сум блиска до која било политичка опција. Но, загрижува и зачудува како ниту една институција не почувствува потреба да поведе постапка за погрешната примена на Законот за финансирање на политичките партии од министерот за финансии, иако самиот тој го потврди со тоа писмениот одговор на нашето барање.
Аферата „Бачило“ изнедри од ревизорски извештај за Министерството за одбрана. И други извештаи на ДЗР беа провокативни, но изгледа не доволно за да го предизвикаат обвинителот.
Лично работев на случајот „Бачило“. Се’ потекна од аналитички пристап во читањето на извештајот и пристапот „ѓаволот е во деталите“. За мене, најсилна индиција беше реченицата дека на ревизорот не му е јасно зошто МО исплатило 700.000 евра на основа на првостепена судска пресуда. И оттука тргна работата. Баравме уште и уште информации, направивме увид во судскиот предмет и најдовме доказ што не е земен предвид. Кога дојдоа Шврговски и Тодоровски, тие имаа на маса добро поставен случај и понатаму МВР одлично го доработи. Проблемот е во посветеноста кон работата, во личниот и институционалниот капацитет, во неселективноста. Наводите на ревизорот сами по себе не се доволни како доказ, но со нив треба да се работи. Во случајот „Скопје 2014“ го искористивме ревизорскиот извештај за да ги поставиме тезите за натамошна анализа. Штета што не го направи тоа Обвинителството.
Во ова долго предизборје јавноста преку медиумите како никогаш досега беше изложена на невидено големи дози владина кампања.
Дали спомениците и кампањите се во интерес на граѓаните и што ќе добијат тие од тоа? Кај нас се’ што се прави е единствено од интерес на власта. Медиумските кампањи станаа главна одлика на Владата во изминатите пет години. Повеќечасовните презентации за достигнувањата на Владата станаа единствен начин на комуникација со граѓаните и со медиумите. Ниту една институција задолжена за следење на јавните набавки и за трошење на буџетските средства не успеа да добие целосни информации за цената на кампањите. Или не беа доволно настојчиви или не сакаа да го направат тоа. Ревизорот и за ова пишуваше во своите извештаи за Генералниот секретаријат на Владата и за различни министерства. Никој не се обиде да даде отчет за овие кампањи, а по одредено време се покажа дека тие презентации на достигнувањата не биле вистинити. Нетранспарентноста и отсуството на реакција од надлежните обезбеди амбиент во кој граѓаните немаат основа на што да изградат поинакво мислење што би го сменило она што го кажуваат кампањите.
Зошто никој досега не направи нешто за да го дефинира периодот пред кампања?
Политичарите не се заинтересирани за тоа. Обиди има од невладиниот сектор. Во еден од нашите проекти направивме сериозни напори да го дефинираме периодот пред кампања. Точно ги утврдивме роковите, поимите одговорно лице за кампањата и начинот за поднесување извештаи. Она што сега се допрецизира во Изборниот законик повторно се однесува само на официјалната кампања, а не на целиот период од објавување на изборите. Кампањата започнува веднаш по распишување на изборите, а како што видовме, овој пат почна и порано. На овој начин често се пробиваат законските лимити за донации и за трошење, но поради правните празнини, не постои можност за ефикасно следење и санкционирање на овие појави.
Секој изборен циклус отвора нов круг на корупција. Проблемот е во финансирањето на партиите за време на изборната кампања.
Политичката корупција е многу широк поим и не почнува со изборните кампањи. Самото вработување или полнење на администрацијата и на институциите со партиски членови претставува политичка корупција на штета на интересот на граѓаните за професионална и ефикасна администрација или судство. Политиката корумпира во секој сегмент, а особено го прави тоа кога е на власт. Затоа оваа корупција посебно е нагласена во периодот на избори. Во услови на неразвиена економија и висока невработеност, граѓаните се придобиваат со ветувања дека некој ќе се вработи или дека ќе добие тендер наместо со ветувања дека ќе се применува законот и секој ќе добие подеднаква шанса. Ветувањата дека ќе се справат со криминалот досега никогаш не се реализирани токму поради политичката корупција. Политичарите во кампања се напаѓаат, а потоа институциите добиваат инструкција да не чепкаат во криминалот на другите. Затоа денес имаме набрзина збогатени политичари, кои во правна држава би имале сериозни проблеми со законот, како со даночниот, така и со кривичниот.
Партиите не даваат отчет, а институциите не им бараат.
Кај нас системот за следење на политичкото финансирање е многу дисперзиран. УЈП, ДЗР, СРД, ДИК, ДКСК, сите тие имаат надлежност и никој нема конкретна надлежност да побара отчет, а и никој нема надлежност да изрече санкција. Ова не е во согласност со Стандардите на Советот на Европа и поради тоа добивме јасна препорака од ГРЕКО дека ова мора да се реши.
Каков ќе биде Вашиот ангажман во овој изборен период? Дали невладината организација ќе се вклучи активно во следење на трошењето на црните пари?
Да, тоа е нашата намера. Еднаш во 2006 година имавме многу успешен проект во кој направивме процена на тоа колку навистина се потрошило за кампања и тоа го споредивме со официјалните партиски извештаи. Разликите беа многу големи. Според процените, некои партии потрошиле четири пати повеќе од дозволеното. Сепак, бидејќи станува збор за невладина организација, оваа активност не би можеле да ја реализираме доколку не добиеме средства од донаторите. Сега сме во фаза на преговори и се надеваме дека овој проект ќе биде оценет како целисходен и дека ќе ги добиеме потребните средства. Наше залагање е ова да прерасне во составен дел на редовниот мониторинг на изборите.
Донаторите даваат во сите кошници
Партиите кај нас не откриваат колку пари ќе потрошат за кампања. Но, тоа не е проблем за други демократии
Да се каже колку ќе се потроши, значи да се објави колку пари ќе се соберат и од кого. Политиката сака да остане или да добие власт, а одделни интересни групи и поединци сакаат да се случи тоа за да ги остварат своите потесни интереси. Затоа имаме незаконско финансирање и невидливи донации. Во САД и во другите демократски држави донациите се објавуваат пред изборите за да се види кој кого поддржува и финансира, односно кој каква политика ќе води доколку ја добие власта. Нашите политичари не сакаат да ги објавуваат своите извори на финансирање, а често не го сакаат тоа и донаторите. Тие даваат во сите кошници, за секој случај. Кој и да добие, тие се на сигурно. Кај нас се’ уште не постои поширока свест за финансиска поддршка на одредена политичка опција. Претседателот Обама ги објави своите поддржувачи и милионските донации затоа што на тој начин покажа дека постои голем број луѓе, најмногу млади што веруваат во него и во неговата политика. Кај нас такви донации не може да се случат и поради страв од власта. Таа со целиот свој капацитет се справува со оние што се дрзнале јавно да поддржат некој друг.